Соголена приватноста на премиум претплатници на Порнхаб

Хакерската група ShinyHunters упаднала во системот на платформата Порнхаб и украла чувствителни податоци за близу 200 милиони активности на најпопуларната платформа за порно. Собрале електронски адреси на премиум членови, заедно со податоци за пребарувања, гледани содржини и локации, токму оние што корисниците никако не сакаат да се обелоденат.

Според веб-страницата BleepingComputer, која прва го објави инцидентот, хакерите му претставиле на Порнхаб докази за упадот во системот и ја уценуваат компанијата со седиште во Канада да исплати неодредена сума во биткоини за да спречи бришење на податоците или, уште полошо, да бидат објавени на интернет.

Украдени се податоци тешки 94 гигабајти за вкупно 201,2 милиони целосни истории, вклучувајќи URL-адреси имиња на видеа, клучни зборови и времето на прегледување.

Порнхаб соопшти дека биле загрозени „ограничен сет аналитички податоци“ за некои премиум корисници до 2021 година и дека новите претплатници се безбедни.

Не се прекршени системите за премиум претплатата. Лозинките, деталите за плаќање и сите други финансиски податоци остануваат безбедни и не биле изложени на нападот, соопшти компанијата.

Фирмата за кибербезбедност Софос наведува дека групата ShinyHunters генерално е составена од „хакери во доцните тинејџерски години или во рани 20-ти, кои англискиот им е мајчин јазик. Таа е дел од пошироката криминална мрежа The ​​Community, чии групи се одговорни за напади со преземања податоци заради уценување на системите.

ShinyHunters создал сопствен сервис што служи како платформа на разни хакерски групи да изнудуваат биткоини со уцена.

18 декември 2025 - 11:05