Ретките покемон картички станаа валута за перење пари

Манијата за картичките со ликови на спортисти и суперхерои од 1990-тите ја крена нивната цена на милиони долари. Саемите и берзите за размена привлекуваат илјадници фанатични колекционери, но сè почесто и криминални банди, кои не гледаат подобар начин да спакуваат нечисти пари во парче картон кое не привлекува големо внимание на граничните контроли.

Најголем е интересот за покемони, особено откако во февруари јутјуберот Логан Пол продаде картичка со ликот на Пикачу за 16,5 милиони долари, која ја купил пред пет години за 5,3 милиони.

Јапонската франшиза во 1990-тите ги продавала ретките колекционерски картички за стотина долари. На пролетниот тридневен саем во Лондон сега со нив се тргува како на голема берза, со промет од илјадници фунти секоја секунда. Доаѓаат посетители од целиот свет.
Колекционерка од Швајцарија, понудила на продажба комплет од 60.000 картички, за кои очекува да достигне сума од 50 милиони фунти.

Неодамнешни полициски акции низ Европа покажуваат дека на берзите не тргуваат само колекционери, туку и криминалци. Серија координирани рации во Коста дел Сол во Шпанија и во Шведска откри организирана мрежа за перење пари преку покемон картички. Слично како и со уметнички ремек-дела, антиквитети и криптовалути, криминалците ги користеле картичките за да прочистат валкани пари и како алтернатива за пренесување кеш преку граници.

Картичките имаат луда вредност и можат лесно да се разменуваат и преку интернет, но не може да се влезе во трансферот и потеклото на парите, како во банкарски трансакции, објаснува Паоло Априле, експерт за финансиски криминал.

Контроли на аеродроми и гранични премини спречуваат транспорт на големи суми кеш и на злато, но картичка вредна десетици илјади долари не привлекува внимание од обезбедувањето и цариниците. 

Тоа е само мало парче картон. Полесно е да се префрлат милиони со неколку картички наместо со куфер полн со пари, вели Априле.

Тој додава дека во теорија, секој колекционер на картички покемон би можел ненамерно да дејствува како посредник за бандите што перат пари.

Интересот на криминалците воедно им го урива бизнисот на колекционерите, затоа што уште повеќе ги крева цените. Рој Рафтери од аукциската куќа „Стенли Гибонс Болдвин“ тврди дека шпекулативните инвеститори имале најголем ефект врз вртоглавото зголемување на вредноста на картичките. Слично е и со други колекционерски предмети од 1990-те.

Акциони фигури, гејмбои, конзоли за видео игри, на сите им расте цената. Но, покемон е за цела глава над другите, што објаснува зошто стана толку привлечна цел за бандите, додава Рафтери.

23 мај 2026 - 13:14