Првата црна Британка всушност била бела

Низа англиски медиуми на чело со ББЦ пред една деценија ги идентификуваа мистериозните останки на жена од римско време како „првата црна Британка“ и ја прилагодија историјата кон кампањата за диверзитет, еднаквост и инклузија. Нова генетска анализа ја урива таа пропаганда и покажува дека жената од Бичи Хед всушност била античка русокоса Англичанка.

Со користење на најсовремени ДНК техники и новообјавени геноми, бевме во можност да го утврдиме потеклото на жената од Бичи Хед со многу поголема прецизност отколку порано. Докажaвме дека таа носи генетско потекло кое е најслично на локалното население на Британија од римската ера, вели Вилијам Марш, археогенетичар во Природонаучниот музеј во Лондон, кој ја спроведе новата анализа.

Скелетот бил пронајден во југоисточна Англија некаде кон средината на дваесеттиот век и почивал недопрен во кутија со натпис „Бичи Хед (1959)“ во збирките на Градското собрание на Истборн сè до 2012 година, кога научници и медиуми кренаа голема дебата за историското потекло.

Во 2016 година, во серијата на ББЦ: „Црнци и Британци: Заборавена историја“ се сугерираше дека жената потекнува од Супсахарска Африка. Беше прикажана реконструкција на нејзините црти на лицето, со темна кожа, коса и очи. Професорот Дејвид Олусога ја претстави како доказ за „историските врски на Британија со африканските народи“, а археологот Џо Симан ја прогласи за „веројатно најраниот црн Британец“.

На археолошкиот локалитет во Бичи Хед беше поставена плоча со која се одбележуваше почетокот на „црната историја на Англија“. Но, плочата беше отстранета во 2017 година, откако првичната анализа на ДНК укажа дека жената всушност потекнува од медитеранскиот регион, веројатно од Кипар.

Нова ДНК анализа на скелетот од научници од Природонаучниот музеј покажа дека жената потекнува од јужна Англија и била бела, со руса коса и светли очи. Радиојаглеродното датирање покажа дека починала некаде помеѓу 129 и 311 година од нашата ера, што одговара на времето кога Британија била под Римјаните.

Починала на возраст од 18 до 25 години и била висока близу 150 сантиметри. Заздравената рана на ногата укажува на сериозна повреда во младоста. Анализата на вредностите на јаглерод и азот во нејзините коски откри дека нејзината исхрана веројатно вклучувала многу морска храна.

Како научници, наша работа е да продолжиме да бараме одговори. Благодарение на напредокот на технологијата во изминатата деценија, откако жената од Бичи Хед за прв пат се појави на виделина, возбудени сме што ги објавуваме овие нови сеопфатни податоци и споделуваме повеќе за оваа личност и нејзиниот живот, изјави докторката Селина Брејс од Природонаучниот музеј.

На научниците е да одговорат за други сомнителни тврдења за кои се води дебата во Британија, на пример дека Црнци го граделе Стоунхенџ пред 2.500 години. Мејнстрим медиумите ги оспоруваат новите  научни сугестии дека градителите на Стоунхенџ биле бели фармери што на британскиот остров се доселиле од Анатолија.

22 декември 2025 - 08:33