
Филипо Бјонди, експерт за радари од Универзитетот во Стратклајд во Шкотска, тврди дека апаратите со сигурност од 90% потврдуваат дека под пирамидата на Микерен, најмалата од трите во Гиза, има столбови слични на оние што неговиот истражувачки тим ги открил под Кефреновата пирамида. Се претпоставува дека двете подземни градби се поврзани во масовен комплекс 300 метри под основата на пирамидите.
Веројатноста од 90% е утврдена преку објективна анализа на мерните податоци од томографијата. Покажуваат дека структурите што ги идентификувавме под Кефреновата пирамида се присутни и под Микереновата. Цврсто веруваме дека тие се меѓусебно поврзани, што го зајакнува нашето мислење дека пирамидите се само врв на ледениот брег на еден колосален подземен инфраструктурен комплекс со густ систем на тунели, изјави Бјонди.
Прочуениот археолог Захи Хавас уште во март го нарече ова откритие „глупости“, врз основа на лично тврдење дека апарати не можат да откриваат структури 300 метри под површината. Контроверзното истражување на Бјонди сè уште не е рецензирано и не е објавено во научно списание. Но, досега нема цврсти докази што би потврдиле дека Бјонди НЕ е во право.
Истражувачите немаат податоци што би укажале кога биле изградени подземните структури, но претпоставуваат дека се многу постари од пирамидите. Не ја отфрлаат можноста дека се дело на цивилизација која исчезнала пред 12.800 години поради поплави предизвикани од удар на комета. Пирамидите, за споредба се изградени пред 4.500 години. Според теоријата, остатоци од старата цивилизација ги пренеле знаењата за астрономијата, инженерството и сакралната архитектура на подоцнежните култури, вклучувајќи ги и древните Египќани.
Докторот Џејмс Кенет, геолог од калифорнискиот Универзитет Санта Барбара, наведува дека во исто време мистериозно бил збришан древниот народ Кловис во Северна Америка, веројатно поради удар на комета.
Постојат докази за голем пад на населението во Северна Америка, почнувајќи од пред 12.800 години. Тоа траело неколку стотици години, вели Кенет.
Теоријата има основа во античката египетска митологија. Ендрју Колинс, истражувач на праисториски цивилизации, вели дека хиероглифи во храмот Едфу, околу 1.200 километри јужно од Гиза, говорат за разорна поплава што збришала цивилизација наречена „Најстарите“.
И оваа теорија е отфрлена од етаблираните египтолози. Општо прифатено е дека натписите во Едфу се митолошка приказна.