Индискиот премиер Нарендра Моди е најпопуларниот политички лидер во светот, според најновата листа на агенцијата Морнинг консалт, која дава увид како се перцепираат политичките водачи. Анкетата спроведена од 8 до 14 декември покажала дека политиките на Моди ги одобруваат 71% од испитаниците, а 22% ги оцениле како негативни. Тоа претставува намалување на популарноста на Моди за 4% во споредба со истражувањето спроведено пред една година, но доволно за да остане на врвот.
На второто место е првата премиерка во историјата на Јапонија, Санае Такаичи, со рејтинг на одобрување од 61%, а на третото е јужнокорејскиот претседател Ли Џае-Мјунг со доверба од 56%.
Извлекувањето на Аргентина од тешката финансиска криза му помогна на екстравагантниот претседател Хавиер Милеи да го надмине според рејтингот својот идол Доналд Трамп. Милеи има позитивна перцепција кај 55% од испитаниците, а 41% се против неговите строги фискални политики.

Поголема доверба отколку недоверба имаат и канадскиот премиер Марк Карни (48-41%) и австралискиот Ентони Албанезе (47-43%), како и единствената Европејка при врвот на листата – швајцарската претседателка Калин Келер-Сутер (43-30%). Меѓу првите десет лидери со највисок позитивен рејтинг се и мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, американскиот Доналд Трамп и бразилскиот Луиз Инасио Лула да Силва, но тројцата имаат уште повисок негативен рејтинг.
Лидерите од ЕУ се во втората половина од листата и сите се во минус според одобрувањето на нивните политики. Најмалку непопуларни се италијанската премиерка Џорџа Мелони, белгискиот Барт де Вевер, австрискиот Кристијан Штокер и полскиот Доналд Туск.
На дното се германскиот канцелар Фридрих Мерц, чии политики не ги одобруваат 60% од Германците, британскиот премиер Кир Стармер, со недоверба од 67%, а убедливо последен е францускиот претседател Емануел Макрон, со одобрување од само 13% и противење од 80%.
