
Масовниот отстрел на мечки во Словачка беше критикуван од граѓански групи и од опозициските политичари, па и од Европскиот парламент. Кафеавата мечка е наведена како „речиси загрозен вид“ во Европа од Светската унија за заштита на природата. Според директивите на ЕУ кафеави мечки може да бидат убиени само во исклучителни случаи кога нема други алтернативи.
Владата сега објави дека месото од убиените мечки, за да не се фрла, ќе може да се продава за исхрана, под услов да ги исполнува сите ветеринарни и хигиенски стандарди.
Ќе дозволиме да се конзумира месото од секое застрелано животно. Месото од мечка може да се јаде, изјави државниот министер Филип Куфа.
Според бројот на напади од мечки, Словачка е на второто место во Европа, зад Романија. Во периодот од 2000 до 2020 година биле регистрирани 54 напади, но во изминатиот период инцидентите зачестиле, по десетина годишно. Откако во април маж бил убиен од мечка во шума, владата нареди да бидат отстрелани 350 кафеави мечки, повеќе отколку што вкупно ги има во Шпанија.
Не можеме да живееме во земја каде што луѓето се плашат да одат во шума, изјави премиерот Фицо.
Месото од мечка вообичаено не е на трпезите, но во некои европски региони се смета за деликатес. За тие пазари се обезбедува месо од строго регулиран лов.
Здравствените власти на ЕУ предупредуваат на ризикот од трихинела, паразит во месо од мечка што може да предизвика сериозни болести кај луѓето. Центрите за превенција и контрола на болести во САД пропишуваат задолжителна термичка обработка на месото на најмалку 70 Целзиусови степени. Замрзнувањето, пушењето или сушењето не го прави безбедно.