Кога првпат пробала чоколадо со марихуана, писателката и колумнистка на Њујорк Тајмс се чувствувала „како да сум умрена ама никој не ми кажува“.
Олга Казан за Атлантик пишува дека нејзиното прво јадење марихуана ја натерало на плачење/рикање кога подоцна во ресторан ја послужиле со марула, од жал за салатата дека била мртва. И дека реалноста ѝ изгледала „како поместена за 45 степени“.
И многу други имаат чудни искуства кога првпат марихуаната ќе ја дижестираат, наместо да ја пушат. Некогаш се тоа халуциногени ефекти, некогаш анксиозност, параноја.
Феноменот е недоволно истражен. Истражувачот Ник Јикомес вели дека разликите доаѓаат од типот на ТХЦ, примарната психоактивна компонента на марихуаната. Кога се пуши џоинт, она што влегува во крвта се нарекува делта-9 ТХЦ. Кога марихуаната се процесира во стомакот, со добива поинаков ТХЦ, наречен хидрокси-11. Двете форми се многу слични но и малите разлики можат да креираат големи разлики во нивниот ефект врз мозокот. Втората, имено, знае да биде многу посилна.
Некои експерименти ја потврдуваат оваа теза, но некои не наоѓаат доволно евиденција за таа да стане закономерна.
Итан Русо, психофармаколог, вели дека јадењето знае посилно да дрмне од проста причина што во такви случаи се внесува поголема количина ТХЦ. Кога се пуши, само 10-30 проценти ТХЦ се апсорбираат во организмот. Другото, греота, чури бадијала.
Јикомес препорачува луѓето кои првпат ќе каснат марихуана, да почнат со мали дози, не повеќе од 2,5 милиграми ТХЦ и да не одат на второ колаче додека на првото скроз не му поминат будалите. Во спротивно, може да ви се случи да легнете до партнерот убедени дека сте салама.