
Ликвидацијата го нарачал Тан Јухуи, локален кинески бизнисмен од Нанинг, кој ангажирал платен убиец за сума од 282.000 долари да ликвидира конкурент по име Веи, со кој имал судски спор за градежна парцела.
Платениот убиец задачата му ја префрлил на колега од подземјето, кој прифатил да го изврши атентатот за половина од цената. Тој, пак, нашол трет „подизведувач“, кој му ја префрлил работата на четвртиот, а тој на петтиот. Последниот во синџирот не собрал храброст, па наместо да го убие Веи се сретнал со него и му понудил да ја лажира сопствената смрт за да се затвори кругот.
Судењето на шесте мажи од Нанинг - нарачателот и петтемина атентатори - траело шест години.
Тан го нарачал убиството за да го запре долгиот судски спор за отштета од Веи. Го ангажирал платениот убиец Си Ганинган за сума од 282.000 долари. Со секој нов ангажиран убиец, цената постепено се намалувала – на 141.300, па на 108.100... сè додека не се спуштила до 14.100, дваесет пати од првичната, со ветен бонус кога ќе биде спроведена ликвидацијата.
Линг Сијанси, последниот убиец, го повикал Веи во кафеана и му кажал дека ќе биде „убиен“. Се договориле да го сними врзан и со затната уста и да му ја испрати фотографијата на нарачателот како доказ за ликвидацијата. Веи, сепак, го пријавил заговорот во полиција, која еден по еден ги открила сите атентатори и нивниот нарачател.
Казните се одредени скалесто, исто како што се намалувала сумата за убиството. Бизнисменот е осуден на пет години затвор, првиот платен убиец на 3,5 години, а последниот на 2,5 години.