На почетокот на 1990-та година, по одлично завршената матура, младиот Бил Каплан на мајка му ѝ кажува дека планира да го одложи запишувањето на факултет бидејќи сака да се коцка во казино и дека има сигурна шема за победување и земање пари.
Мајка му ја фаќа очај и паника а неговиот очув предлага разумно решение: "Пoкажи ми мене дека можеш стално да тепаш па ќе видиме".
По некоја недела, очувот ѝ вика на мајка му:
"Пуштај го малиот, знае што прави."
"Го кршев две недели по ред", се сеќава Каплан на тие денови по кои земал 1.000 долари од дома и за 9 месеци ги направил 35.000.
Не се тоа многу пари но допрва му тргнува кога група одлични студенти од Харвард разбираат за него и го замолуваат да ги вежба и да направат екипа која ќе цеди казина.
Муабетот за него толку е јак што без проблем собира инвестиции од 1 милион долари и прави компанија Strategic Investments која обучува одбрани луѓе за комар. Шемата е математичка и се темели на броење карти. Не гарантира успех на секоја игра но, на долг рок, таквата шема обезбедува сигурна добивка.
Еден 22 годишен студент од блек џек тимот се сеќава како бил шокиран кога првпат му биле дадени 40.000 долари за да ја проба шемата во казино. Уште повеќе бил шокиран кога за кратко време изгубил 10.000 по што казиното го части со џакузи и други финеси за добри муштерии. Тој другите денови продолжува со навежбаната тактика на броење и памтење карти по што ја враќа добивката и носи плус 25.000 ќар.
Најмногу успех имале студентите од Азија бидејќи Азијатите ги бие глас дека се коцкари, а најсомнителни биле оние членови на групата кои изгледале како бубалици.
Многумина се плашеле дека ќе бидат фатени, но Каплан вели дека тие моменти не биле страшни.
"Додека играш на маса, ќе дојде менаџер од казиното, ќе те тапне по рамо и ќе ти рече: - Задоволство ни е да играте што сакате освен блек џек," сведочи Каплан.
Зошто тогаш се откажале?
Затоа што станало прекомплицирано. Екипата на крај броела дури 80 играчи, притисокот станувал сè поголем, казината почнале да ги препознаваат а добивката и не била толку фрапантна кога ќе треба да се подели на толкава екипа и на толку многу инвеститори.
Каплан решава да ја затвори компанијата во 1993-та година и се префрла на бизнис со недвижнини. Оној дечко со 40-те илјади долари подоцна станува светски шампион во блекџек и повремено работи како консултант по казина.
Сторијата за студентите од МИТ е инспирација за филмот 21 во кој игра Кевин Спејси. А и тој не поминува лошо. Снимен е со буџет од 35 милиони а заработува 157.