Џејн Амелија Ларсон е актерка и продуцентка, која одредено време работи како возачка на саудиски принцези во САД, поточно кога овие биле на одмор во Лос Анџелес.
Таа е една од 40-те ангажирани возачи и единствено женско меѓу нив. За работата нема апликација, ниту каква било друга документација, била платена во готовина, а од нејзе се барало да нема никакви сообраќајни прекршоци. На интервјуто за работа и било поставено едно единствено прашање: "Дали си Еврејка?"
Таа била задолжена за возење на младите принцези кои биле дојдени во Лос Анџелес. Ларсон била одбрана на инсистирање на нивните родители кои сакале ќерките (кои веќе биле при крај на пубертет и веќе покажувале интерес за момчиња) да им бидат во женско друштво.
Принцезите отворено зборувале со Ларсон за својот живот и општо како си ја замислуваат иднината. Една од нив и кажала дека сака да студира во САД и да учи за дизајнерка.
Тие посебно имале мерак на шетање низ трговските центри бидејќи ова им била една од ретките интеракции со остатокот од светот и можност да бидат видени и да гледаат други луѓе. Цело ова време се под присмотра од обезбедувањето.
Очекувано, девојките трошеле невидени суми пари, "чистеа цели продавници и после тоа идниот ден пак ќе отидеа во истата продавница уште еднаш да ја исчистат." При ова тие никогаш немале контакт со пари.
"Никогаш не видов Саудијци да допрат какви било пари. Нивните слуги плаќаа за се' и плаќаа само во банкноти од по 100 долари. Саудиските принцези влегуваа во продавниците, ќе покажеа со прст се што ги интересира и потоа ќе си излезеа и одеа во следната продавница, а нивните слуги само брзаа да платат за сите работи, да ги спакуваат и да ги стават во комбето на крајот од колоната со лимузини," објаснува Ларсон.
Единствената принцеза што Ларсон ја видела да работи со пари, била истата што сакала да учи во САД. Ова било по барање на нејзината дадилка, која сакала таа да се научи да располага со готовина и да плаќа за работи.
Еден ден Ларсон ја вози оваа принцеза до супермаркет за да вежба купување чоколадо. Наместо едно чоколадо, принцезата купува неколку стотини, за кои на каса оставила неколку банкноти од по сто долари и си заминала.
"Сите стоевме таму зачудени, луѓето во редот и касиерката. По некое време касиерката рече 'девојче, имаше многу кусур за земање.' И младата девојка се сврти и сфати дека не ја комплетирала правилно трансакцијата. Таа беше премногу посрамена. Како да гледаш мало дете. Таа никогаш не научи," раскажува Ларсон.
И покрај огромните пари, впечатокот на Ларсон е дека и овие луѓе се како и секое семејство, сите тие си го сакаат семејството, и тоа им е најважната работа во животот. Единствената разлика со остатокот од светот е што имаат "милијарди и милијарди долари."