Италија повторно ќе бутка ученици за поведение

Заради се полошото однесување кон учителите, Италија ја враќа во сила мерката за губење година за сите ученици кои имаат лошо поведение.

„Оценки за поведение“ им дава овластување на училиштата да бутнат ученик чисто по основа на неговото однесување.

Доколку ученикот добие оценка 5 или помалку (од 10), тој губи година и треба да ја повторува дури и ако има добри оценки по другите предмети.

„Реформата оценки за поведение ја враќаат важноста на личната одговорност, даваат централна важност на почитта кон луѓето и јавното добро, и го враќаат авторитетот кај наставниците,“ порачал министерот за образование на Италија, Џузепе Валдитара.

Освен оценките се воведуваат и казни од 500 до 10.000 евра за агресија и насилство кон училишниот кадар.

Италијанскиот синдикат на наставници тврди дека од почетокот на годинава бројот на агресивни инциденти кон наставниците е зголемен за 110%, а во голем број случаи на наставниците им е потребна медицинска помош. Во некои случаи, напаѓачи биле родителите на учениците, а имало случаи кога ученици биле агресивни кон наставниците заради користење на мобилни уреди на час.

1 октомври 2024 - 11:16