Французите ќе одморат рака од Порнхаб

Најпопуларните порно сајтови Порнхаб, Редтјуб и Јупорн денеска привремено ќе го блокираат пристапот до своите содржини за корисници во Франција, во знак на протест против новиот закон за верификација на возраста. Своите пет минути ги дочекаа Французите што се палат на голите гради на „Слободата“ на Делакроа, која ќе ги пречекува на сајтовите. Другите ќе одморат рака.

Компанијата Ајло, сопственик на трите порно сајтови, се спротивставува на одлуката задолжително со документ за лична идентификација или кредитна картичка да се потврдува возраста на корисниците на секој пристап до содржини за возрасни.

Блокадата е најавена како привремена, но не е објаснето до кога посетителите на страниците ќе бидат ограничени на протестната порака и сликата „Слободата го води народот“ од Ежен Делакроа.

Со блокирањето на огромната видеотека со содржини за возрасни на Порнхаб комуницираме директно со францускиот народ за да му порачаме дека колку е законот опасен, неефикасен и колку ја нарушува приватноста, изјави Соломон Фридман од Ајло.

Тој предупреди дека ако властите не ја повлечат одлуката, Порнхаб, Јупорн и Редтјуб повеќе нема да бидат достапни во Франција.

Луѓето што прегледуваат порно се особено чувствителни на приватноста. Сега од нив ќе се бара да го потврдат идентитетот со кредитна картичка или документ. Регулативите бараат операторите да понудат опција преку трета страна за да се заштити приватноста. 

Ајло тврди дека овој механизам е опасен, бидејќи ги изложува корисниците на ризик од злоупотреба, хакирања или протекувања на лични податоци. Компанијата бара проверката да се прави преку оперативните системи Виндоус, Иос или Андроид, кои имаат вградено опција за потврдување на возраста.

Министерката за култура Аурора Берж оцени дека би било уште подобро Порнхаб да замине од Франција, отколку да се прилагоди на законите.

Ќе има помалку насилна, деградирачка и понижувачка содржина достапна за малолетници во Франција, коментира Берж на Икс.

Кога сме кај содржините, еве што вели статистиката на Порнхаб за Французите и нивните навики.

Според бројот на пристапи, Франција лани била на второто место, зад САД. Убедливо најчесто се пребарувал терминот francaise, односно порно на мајчин јазик или со домашни ѕвезди. Следуваат хентаи, милф и аматери. Најбараните ѕвезди биле Littleangel84, Анџела Вајт и Лана Роудс. Во релативните категории во кои Французите се разликуваат од сите други, доминираат термините француски, арапски, бејб и хендџоб.

4 јуни 2025 - 10:27