Бунтовничката Алијанса дигна во воздух две клучни вселенски станици на својот смртен непријател, го победи нивниот лидер, императорот Палпатин, и ја растури неговата влада. По битката за Ендор од последната епизода на култната филмска франшиза, Галаксијата е на колена.
Во катастрофална ситуација ѝ се наоѓа и финансискиот сектор, заклучува еден американски професор по инженерство, кој изработил економски модел на Галаксијата по колапсот на Империјата. Во студијата има утврдено дури ГГП (Gross Galactic Product), сличен на овоземскиот БДП.
Два клучни заклучоци:
- Оној упорен Палпатин има потрошено безобразно многу пари за своите омилени проекти (*), во овој случај двете мобилни мегаструктури и супероружја наречени Ѕвезда на смртта (Death Star).
- Ќе мора да се оди на бејл-аут, тоест да се смисли пакет за спас на банкарскиот сектор (**).
„Суштина на проектот беше да се утврдат моделот и големината на галактичката економија и банкарскиот сектор, а потоа со стандардни системски анализи на ризикот да се одреди колку пари се потребни за санација на финансискиот сектор“, објаснува професорот Фајнштајн од Институтот за применета наука од Сент Луис.
Моделот на галактичката економија бил правен врз основа на двете станици Ѕвезда на смртта, чија цена, пак, била утврдена со помош на цената на последниот американски носач на авиони.
Имено, ако носачот USS Gerald Ford има конкретна цена (од 17,6 милијарди долари) и големина (100.000 метрички тони челик), тогаш миленичињата на Палпатин (со дијаметар од 100 километри) мора да го чинеле буџетот 193 квинтилиони во првиот и 419 квинтилиони (број со 18 нули) во вториот случај.
А двете Ѕвезди на смртта се уништени во рок од 4 години, што е драматичен економски удар за империјалниот финансиски сектор. За да се спречи тотален колапс на економијата, пакетот мерки би требало да содржи инјекции од најмалку 15, а најверојатно и над 20 % од вкупните економски ресурси (4,6 секстилиони долари).
Без таков интервентен пакет, галактичката економија брзо ќе изгуби дури 30 проценти од обемот, што е поголем удар од Големата рецесија од почетокот на минатиот век.
Професорот се сомнева дека Алијансата ги има ресурсите и потребната политичка волја за ваков чекор, што е тажна вест за секој обичен граѓанин на Империјата.