Џамбо возови на два ката под Ла Манш

Железничкиот транспортер Еуростар постигна договор од 2 милијарди евра со Алстом за купување  најмодерни двокатни возови што ќе поминуваат низ тунелот под Ла Манш. Со нив ќе биде проширена железничката мрежа од Лондон со линии до Женева и до Франкфурт. Двокатните возови собираат 20% повеќе патници, трошат 30% помалку ененергија и помалку загадуваат.

Еуростар нарачал вкупно 30 двокатни возови, со опција да купи уште 20. Првите шест треба да бидат оперативни од мај 2031 година. Ова ќе го зголеми капацитетот за транспорт на патници, но ќе овозможи и постепено ослободување од 34 возови од постарата генерација на „Алстом Авелија Хорајзон“, кои се во употреба од крајот на минатиот век. Еуростар ќе ја задржи флотата од 17 возови „Сименс е320“.

Новите возови Целестија се долги по 200 метри и ќе имаат капацитет од 540 патници. Низ тунелот под Ла Манш традиционално ќе поминуваат врзани во двојка, со вкупна должина од 400 метри и капацитет од 1.080 патници, што е за 20% повеќе од сегашните композиции со 890 седишта.

Целта на Еуростар е да ги зајакне своите услуги на најоптоварената линија Лондон-Париз, но и да се прошири низ Европа и да се натпреварува со авиокомпаниите. Патниците ќе имаат повеќе простор во вагоните додека со брзина од 320 километри на час патуваат до Париз, Брисел, Амстердам, Ротердам и Лил, а наскоро и до Франкфурт и Женева.

Секој ден низ тунелот под Ла Манш поминуваат по околу 400 патнички и товарни возови. Операторот „Гетлинк“ проценува дека максималниот капацитет е околу 1.000 возови на ден.

За разлика од пред две децении, кога практично имаше монопол во железничкиот сообраќај преку тунелот под Ла Манш, Еуростар денес се соочува со конкуренција.

Британскиот регулатор за железнички сообраќај треба да реши дали Еуростар може ексклузивно да го задржи депото Темпл Милс, единственотo со капацитети за паркирање, одржување и поправка на супербрзи возови што ја поврзуваат Британија со Европа. Право на изнајмување бараат и конкурентите Вирџин, Еволин, Џемини и Трениталија. 

22 октомври 2025 - 12:37