Дојди на кафе, имам супер ракија

Уште есента лани познавачи тврдеа дека светот ќе се соочи со недостаток на кафе. А сега е тоа и официјално: време е за паника.

Американскиот департмент за агрикултура потврди дека кусокот кафе е неизбежен:

УСДА проценува дека годинава ќе потрошиме над 150 милиони вреќи кафе, 600.000 повеќе од последната година. Тоа ќе доведе до недостаток од 3,5 милиони вреќи, наведува министерството за земјоделство. 

Во поширока временска перспектива проблемот е уште посложен на што лани предупреди и првиот човек на италијанската компанија Illy, Андреа Или:

"Зголемената потрошувачка на кафе, особено на пазарите во развој, значи дека ќе ни требаат дополнителни 40 до 50 милиони вреќи кафе во следната деценија. А тоа е повеќе од вкупниот принос на Бразил. Порано или подоцна, за неколку месеци или години, ќе мора да донесеме одлука што ќе правиме. Во моментов не знаеме од каде ќе го најдеме тоа кафе," изјави Или.

Климатските промени значајно ги намалија приносите на големите извозници како што е Бразил и Индонезија а проблеми имаат и Никарагва, Ел Салвадор и Мексико.

Од друга страна, во следните 5 години се очекува потрошувачката на кафе да порасне за 25 проценти и проблемот ќе се влошува како што општества од типот на Кина, Индија, Латинска Америка или Африка сè повеќе се вестернизираат.

Дефицитот на кафе ќе биде најизразен во префинетите видови кои се сè попопуларни а по дефиниција имаат помали приноси. 

 

9 јануари 2016 - 09:36