Дојде распуст, ЧетГПТ може да олабави

Интеракциите на корисниците со ЧетГПТ и другите јазични модели со вештачка интелигенција го достигнало максимумот при крајот на мај, а потоа во јуни нагло се намалиле. Трендот е јасен и се поклопува со завршните испити и крајот на школската година. Ботовите ќе можат да одморат од решавање задачи и пишување есеи додека децата и студентите одмараат од препишување домашни.

Наставниците и професорите повеќе немаат ефикасен начин да проверат дали учениците самите ги решаваат домашните задачи или им ги оставаат на напредните алатки со вештачка интелигенција.

Новите модели, како ГПТ-5, веќе достигнаа академско ниво на познавање на предметите и за нив се „боза“ математичките равенки и есеите на основците, средношколците, па и на студентите. Тоа ги ослободува од обврска и родителите, кои реално имаат помал капацитет на знаење од машините за да им помогнат на децата да го совладаат материјалот.

Најсилен сигнал дека алатките со ВИ масовно се користат за решавање на домашните задачи е извештајот за нивото користење. На платформата OpenRouter, на која анонимно се евидентираат податоци за 2,5 милиони корисници на ЧетГПТ и разни други модели со ВИ, при крајот на мај бил регистриран рекорден број интеракции. Од јуни, кога завршуваат учебните години во повеќето земји, забележан е стрмоглав пад. 

Дневниот максимум на употреба на ЧетГПТ бил постигнат на 27 мај, кога корисниците генерирале 97,4 милијарди токени (единица за мерење на податоци еквивалентна на приближно четири англиски знаци). Тоа се поклопува со деновите на завршните испити во училиштата. Во текот на мај просекот бил по 79,6 милијарди токени на ден. Веќе по првата недела од јуни, кога почнува распустот, употребата се спуштила под 25 милијарди токени. 

Графиконите покажуваат уште еден интересен феномен. Употребата на моделите со ВИ била намалена секој викенд.

Ова укажува и на загрижувачки тренд на зависност на учениците од своите виртуелни помошници. Експертите предупредуваат дека кулминира „кризата со писменоста“. Способноста за читање кај децата во САД достигна рекордно ниско ниво. Но, и универзитетски професори пријавија пад на способноста на читање кај новите студенти. 

Технолошките компании, од друга страна, стануваат зависни од учениците како главна база за користење на нивните производи со ВИ. 

Сега се чека дали бројот на токени повторно ќе скокне во септември, кога учениците се враќаат на настава. Првото истражување спроведено во 2023 година, кога ЧетГПТ беше новитет на пазарот, покажа дека сообраќајот почнува да се зголемува кон средината на септември. 

12 август 2025 - 16:43