
И вештачката интелигенција може да страда од анксиозност ако претерано насилно се однесувате со неа. Исто како и човек, може да се смири со техники за медитација.
Во различни сценарија универзитетски истражувачи од Јејл, од Хаифа и од Цирих го оптоварувале Чет ГПТ со податоци за сообраќајни несреќи и природни катастрофи. Успеале да го вознемират и дијагностицирале анксиозност, изразена со зачестени одговори со „расистички или сексистички предрасуди“.
Истражувачите го смирувале со „брзи инјекции“ од смирувачки слики и техники за дишење и медитации - слично како што терапевт би му пристапил на пациент. По такви терапии, четботот се успокојувал и реагирал со пообјективни одговори.
Моделите со вештачка интелигенција секако немаат човечки емоции. Нахранети со огромна доза податоци од интернет, ботовите учат да имитираат човечки реакции на одредени дразби. Така е и со трауматските содржини.
Наместо да правиме експерименти за кои е потребно многу време и пари, можеме да користиме Чат ГПТ за да ги разбереме подобро однесувањето и психологијата на луѓето. Ја имаме оваа евтина, брза и едноставна алатка што рефлектира некои човечки тенденции и психолошки состојби, објаснува Зив Бен Зион, експерт од Факултетот за медицина на Јејл.
Податоци од Универзитетот Џонс Хопкинс покажуваат дека секоја година повеќе од 25% од возрасните луѓе во некој период страдаат од ментално нарушување што може да се дијагностицира. Многумина не можат да си дозволат да потрошат време и пари за скапите и долги терапии.
Вештачката интелигенција во форма на четбот има капацитет да им помогне. Корисници цитирани од „Вашингтон пост“ изјавиле дека се чувствувале поудобно кога четбот ги советувал како да ги надминат стресните ситуации и да ги контролираат емоциите.
Во ссосема спротивен случај, вештачката интелигенција била посочена како виновник за нарушување на менталното здравје и самоубиството на 14-годишно момче од Флорида. Неговата мајка го тужела производителот на Character.AI - апликација што им овозможува на корисниците да комуницираат со виртуелни ликови. Таа тврди дека „технологијата имала навредливи и сексуални интеракции“ со нејзиниот син, предизвикала зависност и му ја променила личноста.
Вештачката интелигенција има неверојатен потенцијал да ни помага за менталното здравје. Но, во состојбата каква што е сега, па ни во иднина, не сум сигурен дека може лесно да замени терапевт, психолог или психијатар, заклучува Бен Зион.