Новите статистички податоци од британскиот регулатор Офком сведочат за забрзано ширење на наменските платформи за онлајн комуницирање. Бројот на испратени СМС мобилни пораки во периодот од април лани до истиот месец оваа година се намалил од 7 милијарди на 5,4 милијарди.
Најпопуларната услуга за инстант пораки во Британија сега е WhatsApp, во сопственост на Мета, и ја користат 90% од возрасните претплатници. Се зголемува популарноста и на други услуги што користат енкрипција на пораките, кои можат да ги видат само испраќачот и примачот, како Signal и Telegram. Помладите корисници од генерацијата Z најчесто ги употребуваат Snapchat и Discord.
Аналитичарите велат дека остриот пад на текстуалните пораки во текот на изминатата година можеби е предизвикан од зголемената употреба на WhatsApp од страна на бизнисите, како и од новите правила на Офком кои бараат од мрежните оператори да блокираат спам пораки. Мобилните оператори сега блокираат најмалку 600 милиони пораки годишно, вклучувајќи и обиди за финансиски измами на корисниците.
Намалено е и времето поминато во разговор преку мобилната мрежа од 39,4 милијарди на 37 милијарди минути во рок од една година. Повиците кон фиксни телефони се намалиле за речиси 10% на 6,2 милијарди минути. Во анкета на Uswitch спроведена минатата година, една половина од испитаниците на возраст од 18 до 34 години се изјасниле дека претпочитаат да разговараат преку социјалните мрежи, а една четвртина одговориле дека „никогаш не одговараат на телефонски повик“.
Во меѓувреме, зголемената побарувачка за апликации за стриминг и социјални медиуми помогна во зголемувањето на употребата на податоци за 11%, на 2,9 петабајти. Британците секојдневно се онлајн по 4,5 часа, што е за 10 минути повеќе во споредба со минатата година, главно преку мобилните уреди.