Тајландските власти тврдат дека Патаја, стотина километри југоисточно од Бангкок, го отфрлила имиџот на „град на гревот“, кој го носеше со децении, и дека сега е „семејно одморалиште“. Но, во исто време ги засилија мерките за безбедност и изразија надеж дека неколкуте илјади американски морнари и маринци ќе потрошат милиони долари во неколкуте дена додека закрепнуваат од 278-те дена поминати на носачот „Абрахам Линколн“ и на бродовите од неговата борбена група.
Носачот е вкотвен во пристаништето Лаем Чабанг, само неколку километри од Патаја – тајландско одморалиште со 350.000 жители што го посетуваат 28 милиони туристи од целиот свет, вклучително и значителен број припадници на американската војска, кои секоја година учествуваат во големи копнени и поморски вежби во близина.
Морнарите од „Линколн“ се предупредени да не претеруваат со „закрепнувањето“. Во градот се распоредени припадници на американската воена полиција, како засилување за локалните полициски сили за да спречат инциденти.

На припадниците на морнарицата им е укажано дека проституцијата во Тајланд технички е забранета, иако законот ретко се спроведува, а плаќањето за секс претставува казниво дело според член 134 од Унифицираниот кодекс за воена правда – правната рамка што важи за вооружените сили на САД.
Градоначалникот Порамет Нгампичет изјави дека на припадниците на вооружените сили ќе им биде забранета употребата на марихуана, која исто така е забранета за рекреативна употреба, иако по легализацијата на медицинскиот канабис во 2022 година низ Тајланд беа отворени стотици продавниците за канабис. Поседување или пушење марихуана во јавност се казнува со 600 долари или една година затвор.
За американските морнари ќе биде блокиран пристапот до квартот со „црвени фенери“, во кој се концентрирани ноќните клубови и барови. Сепак, отворена ќе биде пешачката зона, која, барем до неодамна, беше преплавена со макроа и илегална проституција.

Морнарите се потсетени и на строгиот закон против навреда на кралот или на монархијата, за што е предвидена казна до 15 години затвор. Сите морнари ќе мора да се вратат на бродот најдоцна до 2 часот по полноќ.
Покрај тоа што се ризик за инциденти, морнарите ќе бидат максимално толерирани поради потенцијалната економска полза за градот. Градоначалникот Парамет изјави дека очекува секој американски морнар да потроши по 100 до 150 долари на ден додека е во Патаја.
Токму приливот на пари од американските војници ангажирани во Виетнамската војна пред повеќе од половина век придонесе рибарското гратче да прерасне во озлогласен туристички центар. Законот за места за забава од 1966 година создаде правна „сива зона“ што овозможи секс-индустријата да функционира полујавно во баровите и салоните за масажа, како „приватен договор меѓу клиентот и вработениот“, и покрај законот од 1960 година со кој проституцијата се третира како кривично дело. Инфраструктурата на ноќни клубови и други места за забава во Патаја потоа беше пласирана на туристи кои пристигнуваа во поголем број поради поевтиниот воздушен сообраќај.

Секс-туризмот стана вкоренет. Големиот економски јаз привлече многу жени и мажи од сиромашниот североисточен регион Исан да заработуваат далеку повеќе од приходите од руралното земјоделство и да ги прехранат своите семејства.
Патаја се обиде со одреден успех овој век да се ребрендира како семејна дестинација, со паркови, трговски центри и луксузни одморалишта главно во околните области кои привлекуваат голем број Тајланѓани и посетители од други азиски земји. Достапни се терени за голф, патеки за трчање и еднодневни излети до блиските острови.