Имало и бетер од центарски кирии

На оглас за недвижности во Силициумската долина (Сан Хозе) се издава буквално простор под скали (3 на 0,9 метри, или неполни 3 квадрати) за само 250 долари. Според огласот, местото најдобро ќе му легне на „гејмер“, а лица со криминално досие не се примаат.

Просторот е дел од еднособен стан во центарот на Сан Хозе и е речиси идентичен на условите во кои живееше Хари Потер пред да тргне на училиште.

Како што објаснува Гардијан огласот ја отсликува кризата со домување што се случува во САД каде половина од американските кираџии плаќаат повеќе од 30% од своите приходи за кирија и режиски трошоци, а кај половина од нив ова е над 50% од приходите.

Позитивните страни на понудата се што вклучува клима и греење, цената на режиските трошоци и тоа што има ограден паркинг. Негативните се тоа што кираџијата треба да помага во домашните задачи, чистењето и тоа што „е некако гето“.

Од идниот кираџија се бара да нема домашни миленици, зависности или криминално досие.

Просечната кирија за стан во Сан Хозе моментално е 3.132 долари, 53% повисока од американскиот просек.

30 октомври 2024 - 10:32