Амстердам забрани реклами за месо, бензинци и авионски летови

Во Амстердам е дозволено речиси сè – проституција, марихуана, хашиш, „магични“ бомбони со психоактивни супстанци, но сега е забрането рекламирање на нови „пороци“ - сендвичи, коли на бензин и дизел и туристички аранжмани со авион или брод. Поврзување на месото и фосилните горива е дел од поширока политичка платформа за нето-нула емисии на јаглеродни гасови.

Рекламите за авиокомпании, крстарења и далечни дестинации повеќе не се дозволени бидејќи „имплицитно промовираат согорување фосилни горива“, се објаснува во законот што стапи на сила од 1 мај. Рекламите на производи со говедско, пилешко, свинско месо и риба се забранети поради „штетите врз животната средина предизвикани од одгледувањето животни“.

Законот се однесува на градски имоти и јавни простори во Амстердам - автобуси и постојки, клупи, трамваи, возови и метро станици, како и билборди. Останува дозволено рекламирањето во приватни продавници и во медиуми како весници, радио и онлајн портали. Оваа година ќе се смета за период на привикнување, а од 2027 е најавено построго казнување.

Ако трошите градски пари на политики насочени кон климатските промени, зошто би ги изнајмувале вашите јавни ѕидови за спротивното? вели Анеке Винхоф, советничка од партијата Зелена Левица, која се залагаше за забраната.

Досега немало директни докази дека отстранувањето на рекламите за месо од јавните простори води кон повегетаријански навики на граѓаните. И рекламирањето е минимално - месните производи досега опфаќале само 0,1% од пазарот за надворешно рекламирање во Амстердам, а туристичките аранжмани и автомобилите на бензин и дизел беа на 4% од рекламите.

Поврзување на месото и фосилните горива е дел од поширока политичка платформа.

Амстердам уште во 2020 година усвои мерка за забрана за реклами поврзани со фосилни горива, но таа не беше обврзувачка. Градските власти поставија цел до 2030 година жителите да добиваат 60% од нивните протеини од растителни извори „поради климатски и здравствени причини“. До 2050 година, градот треба да постигне нето нула емисии на јаглеродни гасови.

Комбинирани забрани веќе воведоа Харлем и Утрехт, а Најмеген забрани рекламирање и на млечни производи на општинските билборди. На глобално ниво, десетици градови воведоа или најавија забрани за рекламирање фосилни горива – како Единбург, Шефилд или Фиренца. Франција дури има и национална забрана.

Холандската асоцијација на индустријата за месо го критикуваше законот како „непосакуван начин за влијание врз однесувањето на потрошувачите“.

Месото обезбедува есенцијални хранливи материи и треба да остане видливо и достапно за потрошувачите, објави асоцијацијата.

Здружението на туроператори реагира дека забраната за авионски летови е „непропорционално ограничување на комерцијалната слобода на компаниите“.

4 мај 2026 - 09:54