Иако веќе неколку години се чека да заврши "златното доба " на телевизиите, неговиот рок на траење е продолжен од војната со нови содржини (пред сè) меѓу Нетфликс и Амазон.
Нетфликс годинава најави дека периодов во оригинални содржини ќе вложи 6 милијарди долари. За продолжението на норвешката серија Манијак, Џона Хил и Ема Стоун ќе заработуваат по 350.000 долари за секоја од десетте епизоди. Нетфликс успева да го порази и ХБО во трката по двата стендап настапа на Крис Рок, за чија ексклузивност на комичарот ќе му плати вкупно 40 милиони долари.
Ваквите инвестиции на Нетфликс почнаа во 2013, со вложување 100 милиони долари за две сезони од Куќа од карти на Кевин Спејси.
За серијата со Робер Де Ниро, Амазон на режисерот Дејвид Расел му дава буџет од 7 милиони долари по епизода. За мини-серијалот на Метју Винер, кој е продолжеток на Мед Мен, Амазон вети буџет од 70 милиони долари за вкупно 8 епизоди.
ХБО на Двејн Џонсон му плаќа по 450.000 долари за секоја епизода од Болерс, што е 200.000 долари повеќе отколку што би добила просечна голема ѕвезда. Ваквата математика за Холивуд репортер ја објаснува еден агент: "Колку повеќе вреди да го имаш Рок во реклама? Ако си прв човек на телевизиска мрежа, ќе потрошиш од 20 до 40 милиони долари за рекламирање и создавање свесност околу шоуто, плус уште 30 до 35 милиони за да го снимиш шоуто, и завршуваш со околу 65 милиони. Дали сето ова ќе го ризикуваш за дополнителни 2 милиони долари?"
Процената е дека ваквите хонорари ќе продолжат да растат се додека мрежите не почнат да се откажуваат од оригинални содржини. Утеха за актерите дека ова нема престане во скоро време е дека само за 2017 се најавени речиси 500 проекти по сценарио (наспроти реалити програми).
Причина за ултра големата и скапа продукција е што од една страна се намалува бројот на гледачи по тв-серија или шоу, па големите мрежи гледаат да привлечат публика со големи ѕвезди. Од друга страна играчи како Амазон, ХБО и посебно Нетфликс бараат глобални права на содржините што ги купуваат, што не нуди можност за нивно препродавање на втора па затоа и парите што ги плаќаат се толку поголеми.