Скандалот Бил Клинтон - Моника Левински, според Моника Левински

Во досега најопсежното експозе на темата Моника Левински комплетно под свои услови, како човечко суштество кое на свој грб ги почувствува сите неправди и трауми, а не спотер за туѓи политички пребивања, проговорува за она што пред 20 години се случи со тогашниот претседател на САД.

Тогаш 22-годишната приправничка во Белата куќа и американскиот претседател започнуваат сексуална врска која на крај завршува со импичмент на претседателот. Во над 20 часа интервјуа за серијалот Аферата Клинтон, Левински отворено зборува за својата врска со Бил Клинтон.

Во минатонеделниот есеј за Ванити феир, Левински пишува „збогум на Левински скандалот,“ објаснувајќи ја својата одлука да проговори околу целата работа порачувајќи „мислам дека 20 години се доволно време за да се носи таа мантија“.

Во видеа објавени од серијалот, Левински зборува за сексуалните средби со Клинтон во неговиот приватен кабинет, и неуспешните обиди врската да се држи во приватност, притоа признавајќи „и двајцата бевме претпазливи, но не и доволно претпазливи“.

Таа раскажува и како Бил Клинтон ја предупредил дека во склоп на истрагата околу обвиненијата за сексуално малтретирање од Пола Џонс, може и нејзе да ја испрашуваат, потсетувајќи дека Бил никогаш не и кажал директно дека на испрашувањето ќе треба нешто да лаже, но и дека никогаш не и рекол дека треба да ја каже вистината“.

Левински има потпишано документ во кој ја негира врската со американскиот претседател, која исто така беше отфрлена од Бил Клинтон јавно и под заклетва. Токму лажењето под заклетва беше причината за импичментот на претседателот Клинтон.

По завршувањето на мандатот (и покрај импичментот Сенатот му дозволи на Клинтон да остане во Белата куќа до крајот на вториот мандат) Клинтон ја продолжува својата кариера како прв човек на фондацијата Клинтон и активно учествува во политичките кампањи на демократите и на неговата сопруга, само спорадично соочувајќи се за неговиот однос со 22-годишната приправничка.

Во интервју од јуни годинава, запрашан дали тој и должи извинување на Левински, Бил Клинтон одговара со - не.

„Она што за мене е поважно од тоа дали ми должат или заслужувам лично извинување е моето верување дека Бил Клинтон треба да сака да се извини. Јас сум помалку разочарана од него, а повеќе разочарана за него. Тоа би го направило него подобар човек, а за возврат, и нас би не направило подобро општество,“ пишува Левински.

Потсетувајќи на едно претходно интервју во кое запрашан зошто започнал несоодветна врска со приправничка, Бил Клинтон одговара со „затоа што можев“, Левински идентично објаснува дека го снимила серијалот „затоа што можев“:

„Низ историјата, жените се замолчувани и набедувани, сега е наше време за да ги кажеме нашите стории со наши зборови“.

 

19 ноември 2018 - 11:09