Прво, лекцијата. Медијана е позициски средна вредност, не е просек туку е средната бројка во низата. Пример, во низата 6,6,6,7,8,9,10, медијана е 7. Истото ова може да се употреби на низа плати, или трошоци или што и да е. Сè останато што ве интересира имате тука.
Назад на платите. Сајтот за вработување Гласдор објави студија што ја споредува медијаната на платата на просечниот американски работник (според нив таа годишно изнесува 51.350 долари, а според Бирото за вработување таа е 44.460 ) со онаа на стажантите.
Кога годишната плата е поделена на месечно ниво и споредена со платата на стажантите, излегува дека вториве барем во овие 25 компании проаѓаат далеку поубаво.
Од топ 25-те компании во 21 стажантите земаат плата од над 5.000 долари месечно, меѓутоа никој на листата не паѓа под 4.500 долари месечно.
На првите пет позиции се:
- Фејсбук - 8.000 долари месечно
- Микрософт - 7.100 долари месечно
- Ексонмобил - 6.507 долари месечно
- Селсфорс - 6.450 долари месечно
- Амазон - 6.400 долари месечно
Друга работа што треба да се знае за стажантите во овие компании е дека тие се многу над "донеси кафе / сврти телефон" нивото на стажирање, и станува збор за прилично компетитивна позиција за која треба да имаат највисоки можни квалификации.
Меѓу бизнисите кои не влегоа на листата, заради неисполнување на некои од условите, се компании како Снапчат и Пинтерест за кои се верува дека стажантите ги плаќаат по 9.000 долари месечно.