Кевин Сандер од калифорнискиот град Марина покрена иницијатива за декриминализирање на поседувањето, одгледувањето, користењето и продавањето на „магичните“ псилоцибин печурки. Доколку успее да собере 365.880 потписи до април 2018, неговиот предлог ќе мора да биде даден на референдумско изјаснување.
Сандер сумира дека овој свет на човека му нанесува болка со сите оние брегзити, трампови и бегалски кризи и тој како политичар не гледа друго решение освен да им се дадат печурчиња.
„Тие го издишуваат егото и ги рушат ѕидовите и бариерите кои човек ги има дигнато околу себе, овозможувајќи му да се види самиот во поинакво светло“, упатено објаснува човекот кој самиот се има симнато од петгодишна хероинска зависност со помош на овие габи.
И во други американски држави има иницијативи за легализирање на печурките, а за волја на вистината, постојат сериозни клинички студии кои упатуваат дека псилоцибинот е ефикасен во третирање на разни болести, најмногу депресија и анксиозност.
Иако евиденцијата во полза на благородните здравствени ефекти на псилоцибинот расте, сепак печурките се далеку од стандардизирана употреба во медицината. Луѓе кои медицински се занимаваат со нив сметаат дека е неизбежно тие еден ден да бидат достапни и легални за користење.