На снимката објавена од американската НСФ (National Science Foundation) се гледа како пука еден од каблите што ја држат 900-тонската структура во воздух над чинијата со дијаметар од 300 метри.
Целиот настан е снимен благодарејќи на дрон, кој НСФ почна да го користи од ноември годинава за редовен надзор на целото здание, откако беше објавено дека опсерваторијата е при крај на животниот век.
При колапсот паднаа и три помошни кули на кои беа оптегнати каблите што ја држеа платформата.
Иако состојбата на целата опсерваторијата им беше јасна на луѓето од НСФ тие се надеваа дека ќе можат контролирано да ја демолираат платформата. Следно е да го соберат целиот крш.
Бидејќи станува збор за буџетски проект, замената на Аресибо се очекува да биде подолг процес кој ќе треба да мине кај законодавците и да добие финансирање од нив.
Изградбата на сега веќе распадната верзија на Аресибо опсерваторијата заврши во 1963.