Глобална трка по талентите од Харвард

Универзитетите ширум светот секогаш си „краделе“ таленти, но регрутирањето сега е концентрирано кон САД, откако елитните колеџи беа притиснати од администрацијата на Трамп. Универзитети од Хонг Конг, Франција, Австралија и Германија, во трката да привлечат умови од Харвард, го нудат она со кое Америка некогаш се истакнуваше во светот: академската слобода.

Хонг Конг објави „безусловни понуди“ за странските студенти од Харвард, на кои може да им бидат поништени визите ако Универзитетот не им ги достави нивните целосни досиеја на федералнаите власти. 

Администрацијата на Доналд Трамп го обвинува Харвард за антисемитизам и за координирање со Кинеската комунистичка партија. На највисоко рангираниот универзитет во светот има околу 7.000 странски студенти од 140 земји, од кои дури 1.300 се од Кина.

Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг ги отвори портите за Кинезите, но и за други студенти од Харвард. Им обезбедува олеснети процедури за прием и академска поддршка. Хонг Конг има 7,5 милиони жители, но и пет универзитети на листата од 100 најдобро рангирани.

Отава во април ја почна програмата „Канада води“ за да привлече иноватори и особено  биомедицински таленти од јужниот сосед. Австралиската „Глобална програма за привлекување таленти“, им ветува конкурентни плати и пакети за прилагодување. Францускиот Универзитет Екс-Марсеј се промовира пред американските студенти како „Безбедно место за наука“ и им гарантира дека „нема да бидат попречувани во истражувањата“. 

Нашите американски колеги не се особено заинтересирани за пари. Тие сакаат пред сè да продолжат со истражувањата и да ја зачуваат академската слобода, вели Ерик Бертон, претседател на Универзитетот Екс-Марсеј.

Откако Трамп најави преполовување на буџетите за научни институции, студенти од САД веќе прифаќаат трансфери во странство. Дури 139 од вкупно 300 пријави за студии за вештачка интелигенција и астрофизика во Екс-Марсеј пристигнале од Америка. Тројно се зголемиле апликациите од САД за програмата за млади истражувачи на институтот Макс Планк во Германија.

По Втората светска војна, САД инвестираа огромни суми во научни истражувања на независни универзитети и федерални агенции. Тоа им помогна да станат водечка научна сила во светот и придонесе за развој на мобилна телефонија, интернет и третмани за рак и разни болести. Но таа позиција сега е загрозена, истакна Холден Торп, главен уредник на списанието Science.

27 мај 2025 - 13:02