“Вистина е за тужбата. Иако јас знам дека мојата песна не беше инспирирана од Creep, Рејдиохед мислеа поинаку и бараа 100% од парите. Јас им понудив 40% ама тие инсистираат на 100%“, твитна Дел Реј.
Спорот се однесува на песната „Get Free“ од нејзиниот албум кој излезе летото 2017-та, Lust for Life. Како комплетни автори на песната се наведени Лана и уште двајца иако е нејасно зошто требаат тројца луѓе зa да се потпише туѓа песна.
Инаку, самите Рејдиохед беа тужени околу истиот хит заради сличности со стариот хит на The Hollies, The Air That I Breathe, но тие брзо ги додадоа двајцата автори на таа песна во тантиемите за Creep.
Во последно време се случија неколку звучни порамнувања на авторски сметки во популарната музика. Ед Ширан за својата песна Photograph вонсудски го обештети Мет Кардл (автор на сличната Amazon) а мораше и дополнително да додаде пар автори на неговиот огромен хит Shape of You. Том Пети доби заслуги за песната на Сем Смит Stay With Me, а правните наследници на Марвин Геј пред две години ги олеснија Робин Тик и Фарел Вилијамс за 7,4 милиони долари заради плагирање на Got to Give It Up во нумерата Blurred Lines.