Водителот на популарното хеви-метал шоу на MTV во 90-тите години, Headbangers Ball, не додржа да не го покаже специјалниот куршум кој го поседува а кој наместо барутно полнење, ја има пепелта на Јан „Леми“ Килминстер.
„Пред да почине, Леми посакал неговата пепел да биде ставена во куршуми и да биде поделена на најблиските пријатели. Денеска го добив „мојот“ куршум и ми дојдоа солзи на очи,“ напиша Рики Рахтман, покажувајќи го бесценетиот куршум со изгравирано име на човекот во него.
Не се знае колку муниција е направена од Леми но познато е дека куршуми добиле тенисерот Пет Кеш и фронтменот на Агли Кид Џо, Витфилд Крејн.
Леми почина на 28 декември 2015 година во неговиот апартман во Лос Анџелес, неколку дена откако наполни 70 години. Подоцна со статуа беше овековечен во Реинбоу Бар, неговата омилена биртија за запивање во Вест Холивуд, статуа за која пари собраа неговите фанови.
Лани беше соопштено дека се подготвува биографски филм за Леми, од неговото растење во англискиот град Стоук-он-Трент (познат по грнчарство), преку работењето за Џими Хендрикс како негов роуди кој му ги подготвувал гитарите и подоцна ги собирал појачалата (она што преживеало и не било спржено од свирката), влегувањето во спејс-рок бендот Хокинд пред да ја оформи убиствената тројка наречена Моторхед.
Како што одиш по богатиот тепих на животот, сфаќаш дека повеќето луѓе кои си ги сретнал не се вредни ни кондури да ти исчистат. Добар другар е некој кој ќе те крие кога те бараат за убиство. - го цитиравме во 2015-та, во статијата „Леми се одјави“.
Го имаме Леми по дузина поводи на сајтов (да се бавевме само со политика како што бараа разни ботови и говна, штурци ќе имавме сега за споделување) а еден од најблесавите детали е што се имаат видено со Тито.
Леми, кажи го тоа уште еднаш: