"Повеќето луѓе мислат дека денес во цел свет не можеш да најдеш вкупно 100.000 аудио касети а ние само денес ќе испорачаме 87.000" вели Стив Степ, сопственик на компанијата Национал аудио.
Од нивната фабрика камиони знаат да однесат порачки и од 600.000 парчиња на ден. Работат 50-тина луѓе, од инженери до дизајнери а капацитетот им е производство на 100.000 аудио касети дневно.
Тоа што не го напуштиле бизнисот кога тој почна да тоне и за мали пари купиле опрема која сите ја напуштале се чини како визионерски бизнис потег. Степ признава дека причините се сосема поинакви.
"Постојат две причини зошто заглавивме со ова. Тврдоглавост и глупост. Првото ми беше поврзано со вродениот оптимизам а второто, глупоста, е поврзана со тоа што ние и не знаевме дека касетите се мртви. Ни кажаа дека тоа дефинитивно изумира ама нам не ни се веруваше. Едноставно, останавме со нив."
Лани направиле 5 милиони долари. 70 проценти од приходите им се од независни издавачи или гаражни бендови но и големи етикети како Сони, Капитол и Дизни почнуваат да прават нарачки. Лани направиле аудио касета дури и за Џастин Бибер. Без разлика дали е за него или за некој опскурен бенд, ретко наплаќаат повеќе од 2 долара за касета, комплетно изработена, со снимка, омот, пластика, испорака. А некои од раритетите од нивно производство, на Ибеј се продаваат и по 50 долари.
Ако Национал аудио се главните произведувачи, за издавачки храм на аудио касети денес се смета Бургер Рекордс од Калифорнија. Имаат каталог од преку 1.000 наслови а еден од најдрагоцените моменти им бил кога Грин Деј ги одбираат нив за реиздавање на нивниот жесток хит од 1994, албумот "Dookie".
"Не сум носталгичен по работи ама Дуки, човеку! Памтам дека татко ми не ми даваше да го слушам тој албум зашто има пцуење а сега им го правам омотот а стариот е горд на мене," вели основачот на Бургер Рекордс, Шон Борман.
Тој вели дека не може да ја опише својата љубов за касетите но дека тој и неговото друштво се аналогни типови, дека сакаат да ги опипаат работите, да го имаат тоа чувство на држење нешто.Компјутерите разбираат само единици и нули и тешко дека некогаш ќе можат да ја разберат таквата љубов.
Од друга страна, колку таа античка аудио технологија е светлосни години оддалечена од денешните генерации, ѕирнете во следното видео: