Почитуван Марк Закерберг,
Ние сме Фиона Годли и Камран Абаси, уредници на Британскиот медицински журнал (BMJ), едно од најстарите и највлијателни медицински списанија во светот. Ви пишуваме за да изразиме сериозна загриженост за „проверката на факти“ што трети лица ја обезбедуваат за Фејсбук/Мета.
Поранешен вработен во Вентавија, компанија за истражување која помага во тестирањата на Фајзеровата вакцина за ковид, во септември почна да ни праќа десетици внатрешни документи на компанијата, фотографии, аудио снимки и меилови. Овие материјали открија мноштво лоши истражувачки практики за клиничко испитување што се случуваат во Вентавија, кои би можеле да влијаат на интегритетот на податоците и на безбедноста на пациентите. Откривме и дека, и покрај тоа што Агенцијата за храна и лекови, пред повеќе од една година добила директна поплака за ова, досега не ги истражила наводите.
BMJ најде истражувачки новинар кој ќе ја напише оваа приказна за нашиот журнал. Написот беше објавен на 2 ноември, по извршен легалистички преглед, надворешна рецензија и вообичаен уредувачки преглед на високо ниво од страна на Журналот.
Но, од 10 ноември, читатели почнаа да ни јавуваат за различни проблеми кога се обидуваат да ја споделат нашата статија. Некои пријавија дека не можат да го споделат. Многу други пријавија дека нивните објави биле означени со предупредување:
„Изоставен контекст... Независните проверувачи на факти велат дека оваа информација може да ги доведе во заблуда луѓето“.
Оние кои се обидоа да ја објават статијата, од Фејсбук беа потсетувани дека објавите на оние кои постојано споделуваат „лажни информации“ можат да бидат избуткани пониско во News Feed-от. Администраторите на групите каде што беше споделен написот добија пораки од Фејсбук во кои биле информирани дека објавата им е „делумно лажна“.
Читателите беа упатувани на „проверката на факти“ извршена од најмен изведувач од Фејсбук именуван како Lead Stories.
Ние сметаме дека „проверката на факти“ извршена од Lead Stories е неточна, некомпетентна и неодговорна.
- Таа не нуди никакви факти дека написот BMJ е погрешен.
- Рецензијата има бесмислен наслов: „Проверка на факти: Британскиот медицински журнал НЕ откри дисквалификувачки и игнорирани извештаи за недостатоци во испитувањата за вакцини на Фајзер“.
- Во првиот пасус BMJ неточно се означува како „блог за вести“.
- Содржи скриншот од нашата статија со печат над неа и натпис „Прегледани недостатоци“, но не идентификува ништо лажно или невистинито во написот на BMJ.
- Ја објави статијата на својата веб-страница под URL што ја содржи фразата „аларм за измама.“
Контактиравме со Lead Stories, но тие одбија да променат било што во нивната статија или во дејствијата што доведоа до етикетирање на нашата статија на Фејсбук.
Директно го контактиравме и Фејсбук, барајќи итно отстранување на етикетата и поврзување со статијата на Lead Stories, за да им се овозможи на нашите читатели слободно да ја споделуваат статијата на вашата платформа.
Постои и поширока загриженост што сакаме да ја искажеме. BMJ не е единствениот извор кој обезбедува висококвалитетни информации а е погоден од некомпетентноста на системот за проверка на факти на Мета.
Ако треба пример, би го истакнале третманот од страна на Инстаграм (исто така во сопственост на Мета) на Кокрејн, меѓународниот снабдувач на висококвалитетни систематични прегледи на медицинските докази.
Наместо да инвестирате соодветен дел од значителниот профит на Мета за да се обезбеди прецизност на медицинските информации кои се споделуваат преку социјалните мрежи, вие очигледно сте ја делегирале одговорноста на луѓе кои се неспособни за извршување на оваа клучна задача. Проверката на факти беше главен елемент на доброто новинарство со децении. Она што се случува овде треба да го загрижува секого кој цени и се потпира на извори како што е Британскиот медицински журнал.
Се надеваме дека ќе дејствувате брзо: конкретно да ја поправите грешката во врска со написот на БМЈ, да ги прегледате процесите што довеле до ваквата грешка но и генерално да го преиспитате вашиот пристап кон проверката на фактите.
Фиона Годли и Камран Абаси,
уредници во Британскиот медицински журнал