"Медиумите се есенцијални за демократијата. Моќта знае да создава зависност и да биде корозивна и затоа се важни слободните медиуми, за да ги држат на око луѓето кои имаат власт," изјави неодамна Буш на оваа тема што му е омилен муабет во последно време.
Во реалноста, Буш беше сè само не пријател на слободните медиуми. Не ги демонизираше како Трамп но активно ги манипулираше и малтретираше на многу полоши начини отколку што тоа го прави Трамп.
Илегалната окупација на Ирак одзеде стотици илјади човечки животи, загинаа 4.000 американски војници и уште којзнае колку повеќе сега живеат со ПТСП синдром и други трауми од ирачкиот хаос. Тој излет ги чинеше САД преку 2 трилиона долари.
А манипулацијата на медиумите започна со подготовка на терен за војната, што Буш и Чејни го правеа со каскада лаги околу хемиското оружје и опасноста од ирачкиот режим.
Главните американски медиуми се потчинија на агресивната патриотска реторика на Буш кој во 2001 година пресече: „Или сте со нас или против нас во војната со тероризмот“. Оние кои поставуваа многу прашања Белата куќа ги оценуваше како непатриоти а уредниците се плашеа да не отстапат од националните интереси на земјата.
Трамп за CNN вели дека се непријатели на американскиот народ, но тоа се само зборови. Буш и неговата постава активно поткопуваа една друга мрежа, Ал Џезеира. Кога овие извадија ексклузивна снимка од обраќањето на Осама Бин Ладен, Кондолиза Рајс ги собра првите луѓе од петте најголеми ТВ мрежи и од нив побара да го ограничат бавењето со снимката. Њујорк тајмс своевремено пиша дека тоа беше прв пат кога мрежите заедно се согласија да ја лимитираат својата новинарска работа.
А потоа на Ал Џезеира Буш им затвори новинар и го стави во Гвантанамо беј а потоа „по грешка“ им ги ракетираше просториите на редакцијата во Багдад при што им загина снимател.
Неколку години подоцна Дејли мирор објави белешки од средба меѓу Буш и Блер на која Буш бил за посериозно бомбардирање на Ал Џезеира а Блер го одвраќал од намерата. Белешките никогаш не беа демантирани.
И ене го сега, голем пријател на слободните медиуми.