СНЛ скечот што ја раздрма Белата куќа

По речиси 20 дена непрестанати битки со медиумите портпаролот на американскиот претседател, Шон Спајсер, завршил на пеглање кај шефот за тоа како бил исмеан во еден скеч на Сатурдеј најт лајв во кој беше глумен од Мелиса Меккарти.

Уште од изборната кампања, Трамп игран од Алек Болдвин стана речиси стандарден лик на СНЛ. За возврат американскиот претседател подеднакво редовно на Твитер потсетува колку е беден СНЛ и глумата Болдвин.

Во последната епизода на СНЛ, освен Трамп, на мета се најде и Спајсер, кој беше беспрекорно одглумен од Мелиса Меккарти. Како ретко до сега, Трамп викендов на Твитер не ни зуцна за епизодата. Според Политико ваквиот молк на Трамп е знак колку скечот бил непријатен за Белата куќа.

Од магазинот пренесуваат извори блиски на Трамп, според кои претседателот на САД најмногу бил погоден од тоа што Спајсер бил глумен од жена, како што објаснува еден од неговите поголеми донатори "Трамп не сака кога неговите луѓе изгледаат слаби".

7 февруари 2017 - 12:18