И претходно се знаеше дека Крис го има советувано својот брат, меѓутоа овој пат разликата е што излегоа докази дека тој ја користел својата позиција во медиумскиот свет за да копа информации за жените што го обвинуваат Ендру, плус лично му ги пишувал соопштенијата и текстовите за медиумите.
„Кога Крис ни призна дека дал совет на луѓето на брат му, тој ги прекрши нашите правила и тоа јавно го признавме. Меѓутоа исто така јавно ја испочитувавме позицијата уникатната позиција во која тој се најде и ја сфативме неговата потреба да го стави семејството пред работата.
Сепак, овие документи покажуваат негова поголема ангажираност во напорите на брат му од претходно што се знаеше.
Како резултат на ова го суспендиравме Крис на неодредено време, и тој чека дополнителна евалуација,“ стои во изјавата на Си-ен-ен.
Врската меѓу Крис и Ендру беше проблематична за Си-ен-ен уште пред нешто да се знае за сексуалните напади на гувернерот на Њујорк, кога тој како новинар го интервјуираше брат му како гувернер и политичар, за многумина со многу попуштање. Тоа само се влоши кога излегоа првите обвинувања против Ендру, а потоа и признанието на Крис дека помагал. За цело тоа време Крис има поддршка од претседателот на Си-ен-ен, Џеф Закер.
На почетокот од годинава, пред Ендру да поднесе оставка, Си-ен-ен дури и му понуди на Крис да направи привремена пауза од работа за да може „да се фокусира на поформално помагање на одбраната на брат му“.
Постапките на Крис се непријатни и за редакцијата на Си-ен-ен чии вработени се нелагодни со постапките на Куомо помалиот, а еден од водечките новинари на Си-ен-ен, Џејк Тапер, изјави дека однесувањето на Крис ги „става во лоша позиција“.
„Не можам да замислам свет каде кој било во новинарството мисли дека тоа било соодветно,“ изјави Тапер.
По суспензијата не се знае кога и дали Крис воопшто ќе се врати во Си-ен-ен.
Неговиот 1-часовен слот во 21 часот ќе го преземе Андерсон Купер, чија емисија сега ќе трае од 20 до 22 часот.