Иако наведува неколку ставови и колумни, вклучително и онаа на Рутенберг (тука), како најпрецизен тој го истакнува ставот на уредничката Лиз Спајд која вели:
"Како што Тајмс започнува период на себе-осврнување, се надевам дека уредниците добро ќе размислат околу половината од Америка што весникот премногу ретко ја покрива.
Покривањето на кампањата во црвените држави која најмногу одекна во вестите беше од митинзите на Трамп, и често пати ги засилуваше гласовите на оние со најмногу омраза. Едно посебно неодоливо видео продуцирано од снимки собрани низ месеците кампања, ја претстави одвратната горчина како ретко кое видео. И тоа е важно покривање на кампањата. Меѓутоа тоа и слични на него ги замолчија длабоките наративи, кои беа без агенда, кои можеа да ги одведат читателите на Тајмс подлабоко во животот и вредностите на луѓето кои само што го избраа нашиот следен претседател."
Сипли во Њујорк Тајмс доаѓа до Лос Анџелес Тајмс каде е уредник за филм, позиција што горе-долу ја задржува и во новиот медиум. Она што прво го вади од памет е што тука, за разлика од Лос Анџелес Тајмс, новинарите треба да најдат стории кои ќе одговараат на дневниот наратив избран и наметнат од уредниците. (Праксата во претходниот весник е новинарите да им кажат на уредниците што има ново, па тие врз основа на тоа да го состават весникот.)
Тој присуствува и на ситуација во која новинарот на својот контакт отворено му кажува "на мојот уредник му треба некој да го каже ова и ова, дали би можел ти да го кажеш тоа?"
Иако сето ова прави да му биде непријатно, она што вистински го шокира Сипли, е кога уредниците на Тајмс во неколку наврати за време на дневниот колегиум изјавуваат: "Во оваа соба ние ја поставуваме агендата на државата."
Според него, токму тука е заблудата на Тајмс:
"Имам живеено во мал град во Пенсилванија, во посиромашни предградија на Детроит, Сан Франциско, Оукленд, Тулса и, сега, Санта Моника, и се што можам да си помислам е 'вуау' ова е многу голема земја. Јас не ни можев да најдам Тајмс во една продавница во колеџ градот Дурам. Да веруваш дека агендата на нацијата се поставува во конференциска сала во седиштето сместено на Тајм Сквер во Менхетен, бара да имаш стварно посебен начин на размислување.
Во зградата на Тајмс, и тогаш и сега, голем дел од муабетот е за самиот Тајмс. Во секоја институција, ваквиот муабет е неизбежен. Ама во Тајмс премногу новинари минуваат премногу време во дешифрирање на патиштата на весникот, а премалку време на сфаќање на светот наоколу."
Неговото чувство е дека како што минува времето весникот полека станува се повеќе и повеќе оддалечен. Пресвртница е кога Вол стрит журнал одлучува да го засили своето присуство во Њујорк. Одговорот на Тајмс е грчевито концентрирање на Њујорк. За Сипли како новинар и уредник за филм стациониран во Лос Анџелес, станува се потешко во весникот да протне каква било вест од Холивуд, а страниците за култура се преплавени од рецензии и критики за театарски претстави и слични настани од Њујорк.
Кога доаѓа моментот на дигитална транзиција, очекувањата се дека ќе може полесно да се разбие њујоршката матрица. Меѓутоа ова оди во сосема спротивен правец, пред се заради големиот број отпуштања на новинари и нивна замена со "нов бран од дигитални работници" низ цела хиерархија, најголемиот дел од нив сместени во новите простории на 8-та авенија во Њујорк.
"Почна да станува се потешко да се објавуваат стории. Дополнително, весникот како да изгуби интерес за она што се случуваше на теренот дури и во Лос Анџелес, а не па во полу-заборавените места во Пенсилванија или Оклахома.
Веќе минатото лето бирото во Лос Анџелес предвидено за 13 новинари, падна на 4 или 5 луѓе. Посетите од повисоките уредници беа ретки или непостоечки. Сториите од Лос Анџелес, посебно оние од забавата, се повеќе ги пишуваа дојденци од Њујорк или фриленсери избрани од уредниците во Менхетен. Отуѓувањето беше допирливо - веројатно не само тука, туку и во бројно населените копнени сојузни држави. И на крај како што рече Спајд, весникот изгледа како да изгуби допир со 'животот и вредностите на луѓето кои само што го избраа нашиот претседател'," објаснува Сипли.