Моментално во магазинот се останати неколку уредници а сите идни содржини ќе бидат изработени од фриленс автори. Отпуштањата се дел од мерките за штедење воведени од мајката компанија, Дизни.
Проблемот на Нешнл џиографик е што не успеа да се снајде како што треба во дигиталното доба и да стигне до ресурсите кои се неопходни за да ја продолжи работата и известувањето со квалитетот од изминатите над 130 години.
„Во молскавичниот свет на дигиталните медиумите, Нешнл џиографик остана речиси уметнички производ - месечен магазин чии фотографии, графика и текстови понекогаш се резултат на месеци истражување и известување,“ пишува Пол Фари во текстот за Вашингтон пост.
Како дел од штедењето магазинот ги прекинал договорите за фотографија, кои им овозможуваа на фотографи со месеци да бидат излезени на терен за да ги направат иконските фотографии по кои е познат медиумот. Под иста капа паѓа и решението магазинот повеќе да не се дистрибуира по трафики.
Нешнл џиографик е основан од НГС фондацијата (National Geographic Society) составена од 33 академици, научници и авантуристи во 1888. Во 1930-те, тој веќе има 1 милион претплатници. Во својот пик во 1980-те, магазинот има 12 милиони претплатници во САД и уште милиони низ целиот свет. На крајот од 2022, тој има нешто помалку од 1,8 милиони претплатници.
Во 2015 НГС му продава мнозински удел на 21 Сенчури фокс за 725 милиони долари. Од тогаш почнуваат и константните корпоративни промени во организацијата, кои завршија со неодамнешната одлука за отпуштање и на последните автори.