Руското МНР во соопштение објави дека го „прекинува сателитското и друго емитување на Дојче веле“ на руска територија. Во тек било и обележувањето на германскиот медиум како „надворешен агент“ а слични реципроцитетни мерки ќе бидат објавени и во иднина.
Со одлуката, Русија ја одзема и акредитацијата за известување на Дојче веле, кој повеќе нема право да известува од руско тло.
Германскиот државен сервис Дојче веле, во различен обем, се емитува на 30 јазици, вклучително и рускиот.
Еден ден претходно германскиот регулатор за медиуми објави дека го забранува емитувањето на РТ ДЕ заради немање лиценца за емитување. За портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, ова е „нарушување“ на слободата на говор, додека за главната уредничка на РТ, Маргарита Симонјан, одлуката е „комплетна глупост“.
РТ ДЕ на 22 декември беше блокирана на европската сателитска мрежа на барање на германските власти, една недела откако почна да се емитува.
Од РТ ДЕ реагираа дека се базирани во Москва и имаат српска лиценца за емитување, што според европските закони им дава право да бидат емитувани во Германија. Верзијата на германскиот регулатор е дека каналот бил базиран во Берлин и немал „легитимна дозвола според европскиот закон.“