Метео тензии

Дали тоа времето стварно не чини или таквото чувство ни го создаваат телевизиските метео прогнозери кои изгледаат одушевени кога имаат повод да најават лошо време.

"Паѓам во очај кога гледам метео прогнози на телевизија. Презентерите се крајно возбудени ако најавуваат лошо време а се прилично резервирани ако следниот ден треба да биде сончев и нормален," вели првиот човек на британскиот туризам во областа Корнвел (долниот шпиц на островот), Малколм Бел.

Според него, целата пресија околу времето ја создаваат токму метео прогнозерите кои некогаш се обидуваат да бидат стенд ап забавувачи. Во желбата да бидат гледани, тие најчесто прибегнуваат кон бомбастични најави па се случува да кренат тензија и за очекувани повремени врнежи со траење од 10-тина минути.

 "Кога такви врнежи ќе ги претставиш како главно обележје на денот, гледачите прават поинакви планови за викенд," вели Бел чија област годинава забалежала 60 милиони фунти кусок од туристичките приходи.

Сепак, факт е дека овој април-јуни период беше најдождлив во Велика Британија од 1910-та година.

17 јули 2012 - 09:51