По зделката Бредли и понатаму задржува малцински удел во Атлантик и продолжува да работи како претседател и оперативен партнер на компанијата во следните три до пет години. Во писмото до вработените, Бредли пишува дека Емерсон колектив најверојатно ќе го стекне комплетното сопствеништво на компанијата во следните 5 години.
Бредли го купува Атлантик во 1999 за 10 милиони долари, и тој се смета за одговорен за трансформацијата на Атлантик од месечник за политика, уметност и писма во профитабилен дигитален медиум со глобално влијание, кој притоа успева да го задржи и печатеното издание на брендот.
Во писмото досегашниот сопственик објаснува дека тој и неговата сопруга, неодамна сфатиле дека нивните тројца синови не се заинтересирани да бидат сопственици на медиум, па затоа се почувствувале одговорни со време да се погрижат за следната генерација раководство на компанијата.
За време на барањето нов сопственик на 160 години старото списание, била составена листа од 600 потенцијални инвеститори, меѓутоа на крај била избрана Лорен Пауел Џобс. Двете страни не ја откриваат сумата за која е продаден Атлантик медиа.
Пауел Џобс го формира Емерсон колектив во 2004, со цел "инвестирање во непрофитни и профитни напори за постигнување образовни и имиграциски реформи, како и за други прашања". Според Џобс, токму ко-основачот на Атлантик, писателот од 19-от век, Ралф Валдо Емерсон, е инспирацијата за името на нејзината организација.
Преку Емерсон колектив Пауел Џобс стана третиот сопственик на меинстрим печатен и дигитален медиум, поврзан со технолошката индустрија. Пред неа ко-основачот на Фејсбук, Крис Хјуџс, во 2012 го купи Њу рипаблик, а сопственикот на Амазон, Џеф Безос, во 2013 го купи, инвестираше и значително го освежи Вашингтон пост. Разликата меѓу Њу рипаблик и Вашингтон пост, во однос на Атлантик е што последниов во времето кога е продаден нема некои сериозни економски проблеми.
Атлантик бележи раст на печатениот тираж, додека публиката на нивниот сајт само во првата половина на 2017, се зголемува за 36% и во мај достигнува рекордни 42,3 милиони посетители. Од доаѓањето на Бредли компанијата работи на создавање нови извори на приходи. Па ако во 2006, 85% од приходите се од реклами во печатеното издание и негова продажба, годинава на печатеното издание ќе отпаднат само 20% од приходите. Останатите се од дигиталното издание, организацијата на настани и консултантските услуги.
За сега, со договорот меѓу Бредли и Џобс не се опфатени другите брендови на Атлантик медиа, меѓу кои: Кварц, Гаврмент екзекутив, Нешнл журнал и Сити Лаб. По зделката не се најавени никакви посериозни измени во управата на медиумот.