“Имаме морална одговорност да ја предупредиме јавноста за опасната ментална состојба во која се наоѓа Доналд Трамп“, изјави доктор Џон Гартнер, психотерапевт.
Тој и уште неколку десетина психијатри на конференцијата во Јејл се согласиле дека Трамп страда од особено малигна состојба на патолошки нарцизам, што го прави опасен и за САД и за светот.
„За ситуацијата да биде полоша, тој не само што е патолошки лажго и нарцис туку е и заплеткан во заблуди и грандоманија што го потврдува уште од првиот ден како е во Белата куќа. Ако тој навистина верува дека има најмногу поддржувачи во историјата на Америка, тогаш навистина е заблуден“, вели Гартнер.
Заради професионалните стандарди и практики, невообичаено е за угледни психијатри да даваат дијагнози на невидено, односно пред лично да ја утврдат состојбата на некој човек. Но, клинички професор од Јејл вели дека опасноста која во себе ја носи Трамп е премногу голема за да се молчи.
Друг психијатар признава дека однесувањето на американскиот претседател силно го вознемирува иако самиот има големо искуство со секакви насилници.
„Сум работел со убијци и силеџии и од километар можам да препознаам човек опасен за околината. Кај Трамп не ви ни треба такво искуство за да ја насетите опасноста. Тој е слон во продавница за стакло“, предупредува професорот од Њујоршкиот универзитет Џејмс Гилиган.