Биодиверзитетот во САД е во голема криза, a 34% од растенијата и 40% од животните се во опасност од изумирање. Истражувањето го спровела американска непрофитна организација, врз основа на податоци собирани во период од половина век.
„Две петини од нашите екосистеми се загрозени. Слатководните безрбетници и опрашувачите, основата за здрава и функционална планета, се во нагло опаѓање“, вели вториот човек на организацијата.
Најризични се слатководните животни како што се водоземците и полжавите, како и слатководните инсекти. Околу половина од сите видови кактуси и 200 видови дрвја исто така се во опасност од исчезнување.
„Го предизвикавме и го доживуваме Шестото истребување во историјата на планетата- масовно изумирање на видови ширум планетата земја“, изјавил претседателот О'Брајан.
Најголемите закани за растенијата и животните се загадувањето, инвазивните видови и климатските промени.