Многумина кои сега не можат да се сетат на овие имиња, пред само неколку недели, месеци или години масовно кликаа на вестите поврзани со трагичното или прерано загинување на овие лица, кај Католичка, кај Мавровка или пак како последица од тешка болест.
И оној кој денес некаде во светот ќе умре на особено трогателен начин, од што ќе се креираат содржини кои молскавично ќе се споделуваат на интернет, може да биде жален од милиони кои првпат слушаат за него. Овој феномен на масовно тажење на интернет по непознати луѓе сега има и име - гриф порн, или порно жалење.
Зошто вакво вулгарно име за нешто кое можеби навистина се прави од искрени побуди? Затоа што она што се случува во позадината, како резултат на злоупотреба на ваквите вести, или како нуспојава на нивната актуелност, се интернет статистиките, кои им одат во прилог на медиумите кои ги пренесуваат. До толку што „гриф порн" станува таблоидна категорија исто како и секс скандалите.
Како и регуларната порнографија тоа нуди добро спакувана возбуда, која го имитира природното, човечко искуство. Воајеристичко е, создава зависност и е компулсивно привлечно. Ветува кратко, задоволувачко „издувување".
И, како и регуларната порнографија, интернетот го има трансформирано во споредба со неговите класични изблици во традиционалните медиуми. Не мора ни да си умрел на кој знае каков чуден начин, доволно е да си создал „контент" кој може да се споделува непосредно пред смртта, или некој (вештиот новинар) да изрежирал трогателно парче интернет материјал базиран врз твојата судбина. Обете се гарантиран хит на социјалните мрежи. Реакцијата на трагедија пласирана на нив не е (само) интимна работа, туку станува и јавен перформанс - заедничкото тажење ни е доказ дека се уште сме некаква заедница, која ете, се уште може да се сплоти, ако за ништо друго тогаш во тагата.
На тој начин една искрена и чесна реакција на поединец кој кликнал на статија чиј наслов гласи „Морате да видите колку е тажно ова" станува жртва на монетизацијата на неговото чувство, кое патем бргу поминува. Сè до следната вест, за некоја нова трагедија, по можност со слики и видео.
Добрата страна на сето ова е кога масовното тажење генерира приход не само за нечиј медиум или социјална мрежа, туку кога е корисна и за семејството на жртвата, преку собирање хуманитарни прилози или едноставно покажување сочувство. Но споделување тага на Фејсбук не е единствениот начин да се шири љубовта кон човештвото. Опсесивното следење нечија смрт е исто што и гледање порно, само што првото е пожелно да се споделува затоа што, ете, ја демонстрира нашата сочувствителност. Кога и обичните порничи би ја имале таа среќа...