Актот на правење топ 10 листи

Авторот на листата на Вајр за најдобрите филмови за 2013-та не е пишман околу својот избор, само сака да објасни како е да се прави листа за годината, што мора да ја предадеш пред да заврши годината. Плус, малку е пишман.

Причината зошто ваквите листи се објавуваат на почетокот на декември, а не се чека барем средината, е што луѓето во последните 10 дена од годината не се заинтересирани за ништо друго освен славење или семејство. Затоа тие се објавуваат порано за "публиката да има шанса да ги види, да ги прочита и да расправа за нив."

По ова следат две други проблематични теми. Првата е - што е со филмовите што ќе имаат премиера во периодот до Нова година? Тука решението е во тоа што новинарите кои се задолжени за филмови и филмските критичари на најголемиот број на филмови се повикани на пред премиера, па најчесто ги имаат изгледано филмовите што ќе имаат премиера до крај на годината.

Втората работа е што кога еден човек ја прави листата, тој физички не може да постигне да ги изгледа сите филмови.

"Гледав 119 филмови што имаа премиера во САД во 2013-та. Тука не влегуваат 20-те филмови што ги гледав на фестивали и кои нема да излезат до 2014-та. Според Бокс Офис Моџо годинава се пуштени 664 домашни филмови. А имаме уште 12 дена до крајот на годината.

Знаеш дека немаш се' изгледано. И правиш избор. Ама ти си само еден човек. Го правиш својот најдобар напор за да ги изгледаш сите важни филмови. Веруваш дека тоа што не си го гледал 'The Lone Ranger' нема да остави траен белег на твојата листа," објаснува Џо Реид, авторот на листата на Вајр.

Главното двоумење на Реид е што пред некој ден го гледал The Act of Killing, документарец за убијците на индонезискиот режим. Веднаш штом завршил тој знаел дека треба да ја поправи својата листа за 2013-та.

"На крај она што се случува е имаш две листи. Една е листата што ја имаш ставено на интернет, за сите да ја видат, и засекогаш ќе стоиш зад неа. Втората е листата што цело време ја дополнуваш во твојот мозок," пишува Реид.

19 декември 2013 - 20:50