Со тесен резултат 5 : 4, Врховниот суд на САД ја прогласи за противуставна забраната за геј бракови со што се легализираа брачни врски на лица од ист пол на цела територија на САД.
Барак Обама ја прогласи ваквата одлука за голема победа на Америка.
"Нашата нација е создадена на една гранитна основа: дека сите сме создадени еднакви. Постојат денови како овој, кога некој постојан и бавен напор одеднаш ќе биде награден со правда која доаѓа како молња. Врховниот суд дозволи брачна еднаквост со што потсети дека на сите Американци им следува еднаква законска заштита и дека сите луѓе треба да бидат третирани еднакво, без разлика кои се и кого сакаат. Оваа одлука го потврди она што милиони Американци го чувствуваат во срцата. Кога сите Американци се третираат рамноправно, сите заедно сме послободни".
Иако се работи за долгогодишна битка, правниот дел од прифаќањето на истополовите бракови личи на прилично брза победа. Од нула до 100 проценти легализација, на една мапа тоа изгледа вака:
Конечната одлука ја образложи судијата Ентони Кенеди а последните пасоси од неговиот текст многумина ги сметаат за едни од најубавите редови напишани кога било во историјата на американскиот правен систем.
Сите четворица судии кои глааса против напишаа свои издвоени мислења и несогласувања со конечното решение. Најживописен лик меѓу нив одамна е судијата Антонин Скалија:
"Кој ќе помислеше дека интимноста и спиритуалноста (што и да значи тоа) се слободи?А ако интимноста е слобода, тогаш слободата на интимноста попрво се скратува отколку што се проширува со еден брак. Прашајте го најблискиот хипик до вас".
За неговите критичари, самото тоа што Скалиа употребил хипик наместо хипстер говори колку тој е назад со времето. Едно од мемињата за него:
Судијата Џон Робертс кој исто така гласаше против напиша дека ваквата одлука на Врховниот суд ќе отвори пат за легализирање на полигамијата (каде да се потпишеме?):
Зачудувачки е колку од аргументите со кои се легализираа еднополовите бракови можат на ист начин и со исто право да се аплицираат и на повеќечлени бракови. Зошто три или повеќе лица не би можеле да ја бараат својата слобода со брак каков што го сакаат?. Ако еднополовите двојки имаат право да се венчаат за нивните деца да не бидат стигматизирани, зошто истото тоа да не важи за семејства од три или повеќе члена кои имаат деца?
Републиканскиот кандидат за претседател и поранешен гувернер на Арканзас Мајк Хакаби изјави дека нема да ја почитува одлуката на, како што кажа - "империјалниот суд" (што и да му значи тоа) и притоа оцени дека одлуката на Врховниот суд е неуставна (што и да му значи тоа бидејќи Врховниот суд е единствено надлежен за толкување на уставноста). Неколку држави кои важат за бедем на конзерватизмот најавија дека колку што можат ќе одолговлекуваат со издавање лиценци за еднополови бракови. Технички, тоа можат да го прават најмногу 25 дена. Политичкиот отпор таму е разбирлив ако се знае дека во некои од нив (каква што е Алабама), дури 81 процент од гласачите се против истополови бракови.
Од своја страна, еден од петте гласови од Врховниот суд, Кларенс Томас, негодувањата на своите колеги ги спореди со гласовите на оние кои своевремено биле против укинувањето на ропството.
Интересна "непринципелна коалиција" забележа Бизнис Инсајдер кој анализираше како оваа тема ги приближила најлутите конзервативци (кои се против геј бракови) и радикалните геј лидери (кои се против бракот воопшто, како премногу буржоаска и назадна институција). Како и во случај со други теми, еден екстремизам може да се свитка толку што почнува да го допира екстремизмот на другата страна.
Локална илустрација за таквиот парадокс пружи дел од македонската ЛГБТ заедница која деновиве го продолжи несфатливиот и одвратен тренд на праќање мртовечки венци на живи луѓе (претходно праќани за Стевче Јакимовски и Борјан Јовановски). Во овој случај тоа е Зврлевски и Јавното обвинителство од кое со право се незадоволни затоа што не решило ниту еден од петте случаи на хулигански напади на ЛГБТ Центарот.
Од друга перспектива за проблемите проговори Петар Стојковиќ, еден од најекспонираните активисти за сексуална рамноправност кој преку Фејсбук порача:
Одредени граѓански активисти кои работат во доменот на ЛГБТИ правата или конечно треба да го променат курсот, или дефинитивно им треба диазепам или, пак, треба да прогласат мораториум на нивниот граѓански активизам и лично профитерство кои ја држат во заложништво ЛГБТИ заедницата веќе 10 години и поради чии погрешна реторика и пристап немаме мрднато од мртва точка како резултат на прекинатиот дијалог со институциите на системот, губењето на сојузниците меѓу општествените и политичките чинители, како и нарушувањето на јавната перцепција за ЛГБТИ луѓето. Слабиот одзив на настаните и протестите кои ги организираат овие неколку луѓе и НВО-а говори дека овие самопрокламирани лидери и претставници на ЛГБТИ заедницата во земјата не уживаат доверба кај припадниците на истата и немаат никаков легитимитет да зборуваат и дејствуваат во името на сите. Подобрувањето на социјалната клима е возможно само преку градење мостови со оние од „другата страна", преку кампањи за едукација и сензибилизација на општеството за толеранција и прифаќање на различностите, но и преку соработка со властите на локално и централно ниво. Дури тогаш можеме да се надеваме на практично и законско унапредување на човековите права и слободи на ЛГБТИ луѓето во нашата држава. Happy #PrideMonth