Попај е силен заради грешка во децимала

Популарниот цртан со морнарот кој ја добива силата од спанаќот стартува на почетокот на 20-тите години на минатиот век и се темели на „научната вистина“ за високата содржина на железо во спанаќот, нешто што со години се користеше за да се убедат деца да јадат од тоа зеленото (кое сепак не е лошо во пита). Само што таа научна вистина е дебела грешка, уште тогаш стара со децении. 

Во 1870 година, германскиот хемичар Ерих фон Волф ја анализирал содржината на железо во разни зеленчуци.

Направил една грешка во децималната запирка. Запишал дека спанаќот содржи 35 милиграми железо на 100 грама. Точната бројка била 3,5 милиграми.

Погрешниот број со децении провејувал во нутритивната литература, целосно неоспорен, бидејќи никому не му текнало повторно да го тестира спанаќот.

Во 1922 година започнува стрипот „Попај“. Креаторите се повеле по содржината на железо во спанаќот како научна основа за моќите на морнарот. До тој момент, грешката во децималната запирка веќе била стара шеесет години и целосно прифатена како нутритивна мудрост.

Вистината била корегирана дури во 1937 година, но тивко, ни приближно со ефектите во поп-културата и убедувањата на масите  како оригиналното тврдење.

Попај остана силен „благодарејќи на спанаќот“.

Вистинската содржина на железо во спанаќот, оние 3,5 мг на 100 г, дополнително се контроверзни заради фактот дека спанаќот е меѓу зеленчуците со највисока содржина на оксалати. Тие се врзуваат за железото и калциумот па апсорпцијата на железото од спанаќот изнесува скромни 1–2%, во споредба со 15–35% за железото од црвено месо. Настрана проблемот со калциум оксалатот кој доведува до камења во бубрезите. 

За железото накратко, треба да изедете приближно еден килограм спанаќ за да апсорбирате железо еквивалентно на 100 грама говедски стек.

Перо Ждеро (Вимпи), оној што буташе плескавици, не беше толку глуп.

25 март 2026 - 11:47