Читнете како „Политикин забавник“(1977 година) ѝ објаснува на својата публика што е тоа панк-рок, музички жанр чии следбеници се викаат „панкисти“ и ги информира дека Џони Ротен од Секс Пистолс имал завршено занает но не можел да најде вработување.
Панк рок
(Punk Rock)
Многу наши читатели молеа во Хит-страницата на Забавник, да им кажеме нешто повеќе за „панк-рокот“ за кој многу се зборува во последно време и кој во некои европски земји е станат вистинска помодна лудост. Првото прашање кое ни го поставуваат гласи: Кои се тие млади луѓе чиј знак за распознавање или поздрав е ИСПЛАЗЕН ЈАЗИК? Кои се тие млади момчиња кои за своите состави измислуваат најчудни имиња како ЛУДИ, ГЕНЕРАЦИЈА X, БЛОНДИ, ВИБРАТОРИ и сл?
Покрај необичното однесување, овие момчиња и девојки од другите се разликуваат по гардеробата: носат стари кожни јакни, валкани и искинати маици додека косата им е обоена (црвено, плаво, златно, зелено). Музиката им е многу гласна, во суштина едноставен рок, но отсвирен на агресивен начин. Омилен пијалок им е пивото а се среќаваат главно по лондонските пабови разговарајќи многу гласно, на моменти луто и агресивно.
Типични претставници на панк-рокот се членовите на СЕКС ПИСТОЛС и нивниот шеф и водач Џони Ротен. Има завршено занает но не можел да најде вработување. Со неколку истомисленици формира состав со евтини инструменти и засилувачи. Но, биле упорни, вежбале секојдневно и така со текот на времето добиле еден посебен звук.
За себе и другарите, Џони вели: „Ние самите на себе си рековме, наместо да живееме на улица, мора да правиме нешто за барем чесно да животариме. Во тоа ни помогна музиката. Впрочем, така на почетокот им било и на БИТЛИСИ, СТОУНСИ... Меѓутоа, тие сега се стари и многу богати и немаат што да им пружат на младите. Тоа денес го можеме само ние.“
Денес „панкисти“ има сè повеќе. Од ден во ден се создаваат нови групи, се јавуваат нови пејачи кои завршуваат дури и на топ-листи, што само зборува дека „панкерите“ сè повеќе земаат замав.