Од Claude бараат совети за биолошко оружје, вируси и ракети

Антропик блокирал хакери, измамници, владини агенции, потенцијални терористи и конкуренти кои го злоупотребувале ботот со ВИ Claude. Најчесто го користеле за да пробие заштитени системи, да овозможи надзор и да шири пропаганда, но некои му барале совети за создавање нови оружја, наведувани балистички проектили, биолошки отрови или вируси со убиствени функции.

Извештајот на одделението за безбедност на Anthropic опфаќа откриени и спречени активности по декември 2025 година во седум области на штета: кибернетски операции, влијание, надзор, измами, биолошка злоупотреба, развој на конвенционално оружје и дестилација. Во ниту еден од случаите на злоупотреба не биле користени модели од најнапредната класа Claude Fable или Mythos.

Од долгиот список злоупотреби, најзагрижувачки е користењето на Claude за развој на биолошко оружје. Компанијата притоа забележува дека не може да утврди дали сомнителните барања биле легитимни – за валидни биолошки истражувања, или биле злонамерни - за создавање опасни патогени.

Биолошките истражувања имаат двојна намена: може да се користат за корисни или за штетни цели и честопати е тешко да се направи разлика меѓу нив. Информациите за развој на вакцина или лек за некоја болест можат да послужат и за развој на биолошко оружје. Софистицираните актери се свесни дека ние се обидуваме да ја откриеме опасната употреба на нашите модели, па ја користат двојната природа на биологијата за веродостојно негирање на злонамерни истражувања.

Во мај годинава Claude добил барање да состави апликација за финансирање на истражувања за „стекнување својства“ кај вирусот чикунгуња, насочени кон преносливоста и способноста за избегнување на имунолошкиот одговор. За овој вирус не постои лек. Бидејќи циркулира природно, намерното испуштање како напад со биолошко оружје би било тешко да се разликува од природна епидемија.

Наведената цел на истражувањата била идентификување мутации што ги засилуваат својствата на вирусот, вградување во инфективни клонови и селекција врз основа на вирулентноста во жив организам. Со други зборови, вирусот би станувал сè поштетен преку повторени инфекции на животни, при што истражувачите би ги задржувале варијантите што предизвикуваат најтешка болест во секој циклус.

Слично истражување секако би можело да се искористи за развој на подобри вакцини и лекови за вирусот, но би можело да послужи и за зголемување на опасноста од патогенот, наведува Антропик.

Друг корисник со моделот Opus 5 изготвувал апликација за грант за имуно-избегнување на ортопоксвирус - род кој вклучува неколку значајни патогени за луѓето и животните, како големите сипаници и мајмунските сипаници.

Имало и неколку блокирани обиди за развој на нови смртоносни токсини за двојна употреба: за ботулинскиот токсин - супстанца со висока смртност која некои држави ја разгледувале како потенцијално биолошко оружје, а која денес во мали, прецизно одмерени дози се користи за третман на мигрена, спастичност и брчки; и за сакситоксин – кој бил складиран од ЦИА во 1950-тите и 1960-тите години како средство за самоубиство и атентати, а денес е и суштинска алатка за проучување на нервната сигнализација.

Еден истражувач барал од Claude компјутерски редизајн на разновидна група токсини за наводни „истражувања од државен приоритет за национална програма“. Со барањето биле опфатени бактериски токсин и протеин од вирусот на хеморагична треска – болест која е на приоритетната листа на Светската здравствена организација како најголема потенцијална закана за епидемија и пандемија.

Антропик идентификувал и злоупотреби на Claude за развој на конвенционално огнено оружје, ракети, вооружени дронови и бомби, како и системите за таргетирање и контрола на „паметната“ муниција.

Од Claude се барало да развие софтвер за наведување ракети, да дизајнира систем за пресретнување торпеда, да направи апликација за контрола на рој беспилотни летала, како и совети за електронско војување и за потиснување на противвоздушната одбрана. Други барале да собира разузнавачки информации за странска програма за оружје и нејзиниот синџир на снабдување, или совети за набавка на стоки со двојна (воена и цивилна) намена.

Била откриена и закана од актер со седиште во Кина за собирање разузнавачки информации за напредно оружје со енергетски пулс.

Во десетици сесии, актерот го прашуваше Клод за специфично микробраново оружје со висока моќност монтирано на возило за борба против роеви беспилотни летала, кое беше јавно објавено неколку дена претходно. Актерот, исто така, собра информации за синџирот на снабдување за набавка на компоненти што генерираат микробранови системи со висока моќност, објави Антропик.

Во извештајот детално се наведени и обиди за развој на компјутерски софтвер за надзор на граѓани и институции или за уфрлање компјутерски вируси и хакирања на критични и финансиски системи.

Claude бил злоупотребуван и за измамнички онлајн платформи за склучување врски, заради преземање лични податоци или пари од кредитни картички. Во над 20 апликации за запознавање биле генерирани повеќе од 4.700 фиктивни ликови, кои комуницирале со 25.000 реални корисници и за две недели размениле 2,36 милиони пораки. Ако некој побарал директен видео-повик, се вклучувале хонорарно ангажирани луѓе за да му дадат веродостојност на лажниот профил.

11 септември 2026 - 13:03