Причината за недостатокот на Ајфон 5, е што телефонот е премногу тежок за составување.
"Ајфон 5 е најкомпликуваниот уред што Фокскон некогаш го составувал. За да биде лесен и тенок, дизајнот мораше да биде многу компликуван. Потребно е време да се направи нов уред. Но со вежбање стануваме подобри, нашата продуктивност се зголемува од ден на ден. Секогаш е тешко да се задоволат и естетските потреби и практичните потреби," изјавил неименуван директор на Фокскон за Вол Стрит Журнал.
И претходните модели беа тешки за составување, а кај овој сето тоа дополнително се искомпликува со зголемување на висината на телефонот и бројот на делови што Епл реши да ги стави во него. Дополнителен проблем е што задниот дел на 5-та за разлика од сите претходни модели многу лесно се оштетува, што дополнително ја забавува целата процедура.
Секако на сето ова мора да се додаде и тоа што Фокскон во изминатите неколку месеци мораше да се соочи со бунт на вработените, а од пред некоја недела беше присилен да се откаже од "волонтерската програма" во која за составување на уредите беа ангажирани деца на возраст од 14 до 16 години.
Откако прв пат се почувствува дека ќе почне да го снемува новиот модел, Епл излезе со соопштение дека "се изненадени од огромната побарувачка." Потоа се развија теориите на заговор дека снабдувачите не можат доволно брзо да ги произведат деловите (конкретно Шарп кој наводно имал проблем со екраните, за подоцна компанијата да го демантира ова).