Просечната брзина на 5Г интернетот во САД е едвај 75 мегабити, „што е ужасно“. За споредба во кинеските урбани центри брзината на 5Г мрежата во просек е 300 мегабити, што не е најбрзо на свет (Корејците држат просек од 400 мегабити), меѓутоа е доволно брзо за да симнеш ХД филм за 2 минути.
Вол стрит журнал пишува дека во Бостон, Чикаго и Њујорк просечната 5Г брзина на АТ&T е 10% поспора отколку што била на 4Г. Во Вашингтон, Лос Анџелес и Остин, таа е најмалку 20% поспора.
САД заостанува и во глобална продажба на 5Г инфраструктура, каде Хуавеи држи 30% од светскиот пазар, додека ниту една американска компанија нема продажба во странство. Освен Кина, на Хуавеи се држави како Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка и Турција.
Во меѓувреме Кина има инсталирано и три пати повеќе опрема од САД во најефикасниот среден појас на 5Г (од 1 до 6 гигахерци). На пример АТ&T и Веризон користат исти спектар на фреквенции и за 4Г и за 5Г мрежата, заради што дел од аналитичарите нивните 5Г мрежи ги објаснуваат како „украсен 4Г“.
Предноста на Кина е и од чистите бројки на инсталирана опрема. Земјата вкупно има инсталирано над 1 милион 5Г базни станици, додека САД само 100.000. Самата фибер-оптичка мрежа во САД е помалку густа отколку во држави како Јапонија, заради што е потешко за мобилните оператори да ги постават помалите базни станици.
Американците пред некое време го донесоа и Законот за иновација и конкуренција што треба да ја задржи Америка како „технолошки лидер во 21 век“, и ќе одобри 1,5 милијарди долари инвестиции во 5Г мобилната мрежа до 2026.
Наспроти нив, Кина веќе има потрошено 50 милијарди долари на изградба на 5Г мрежата и е на пат да потроши уште 100 милијарди во следни пет години.
„Патетичните перформанси во 5Г трката се симбол за поголемиот неуспех на Америка да и парира на Кина кај стратешко важните технологии. Кина исто така е пред Америка и во високо-технолошкото производство, зелената енергија и бројните примени на вештачката интелигенција. Со сегашната траекторија до 2030 Кина најверојатно ќе го води САД во бројот на чипови што ги произведува и примена на биотехнологија во поразување на болести како рак.
Ќе бидат потребни многу повеќе од 1,5 милијарда долари инвестиции од Конгресот за да се промени ова. Администрацијата на Бајден треба да го направи 5Г национален приоритет и да предводи во изградбата на дигитални автопатишта низ земјата како што владата го направи тоа во изградбата на националната мрежа на автопати.
Во спротивно, 5Г иднината ќе биде на Кина,“ пишуваат Грем Алисон и Ерик Шмит во текстот за Вол стрит журнал.