Холандија има тунел кој сам се поправа

Железничко-патен надвозник во холандскиот град Ријен има бетонски ѕид кој сам се обновува благодарејќи на бактериските култури кои се внесени во него. Штом ќе дојдат во контакт со вода и кислород, се будат и сами ја пополнуваат пукнатината. И да се совлада кај нас оваа технологија, очи ќе си извадат кој да го лапне тендерот за бактериите кои подоцна ќе ни се покажат како мрзливи.

Во Холандија е пуштен во употреба првиот железнички надвозник со материјал што самиот ги пополнува пукнатините уште пред да може да се забележат.

Во ѕид од 25 метри на надвозникот Vijf Eikentnel во Ријен изведувачот Heijmans Infra е постави специјална мешавина.

Во процесот на изградба на секој кубен метар бетон биле додадени по шест килограми мешавина од бактериски спори и хранливи материи. Кога ќе дојдат во контакт со влага и кислород преку пукнатина, бактериите во бетонот стануваат активни и создаваат слој од варовник што ги запечатува дупките.

Производителот тврди дека бетонот со способност за самообновување ќе биде поиздржлив од традиционалниот и го зголемува векот на градбата. Подобрена е и одржливоста, бидејќи за изградба биле доволни само 65% од хоризонталната челична арматура за зајакнување на конструкцијата.

17 мај 2025 - 09:32